Катлановското Блато, Турскиот амам и археолошкиот локалитет Таор

Роднокрајски записи – Томо ЧАЛОСКИ

На Пајтингеровата табла (tabula pentingeriana) била забележана патничката поврзаност на некогашен Ниш со Скопје, а понатаму со Стоби. На оваа табла имало знак на бања, тогаш и денес на патот Скопје-Стоби се наоѓа Катлановската бања. Сево ова го потврдува значењето на Катлановска бања, која уште за време на владеењето на Рим на овие простори имала неповратно значење како лечилиште. Тоа го потврдуваат длабнатините на карпите од просторот, каде течела термална вода и тоа од двете страни на брегот од реката Пчиња, на кои има испишани имиња од некогашната римска аристократија. До катастрофалниот земјотрес од 1963 година, во Катлановска бања беше поставена спомен плоча од 1898 година.

 

Содржината на спомен плочата е: “Спомен за благодeтите што ги дава оваа топла вода. Нека биде непресушна за светот што се развива и гради. Таа тече низ камена уста од Аллаха благословена. Даут Паша изградил базен и неколку згради. Хафз Паша, добродетел, по име Хаф’ з Мухамед, тогашниот по правичност прочуен скопски валија, за време на своето владеење со неуморна деноноќна работа му остави на народот од Скопје и околината неброени дела и оваа бања ја донира од своите лични средства. Јас ги видов тие негови многубројни дела. А кога ја видов и бањата мојот восхит ме натера да ја напишам историската плоча на оваа водена куќа. Пред нас е вистински убав и чист вруток. Нека повелат гостите да ги измие.”

1317 година  (1898 година нов  календар)

Турскиот амам е изграден во 1859 година и беше користен се до катастрофалниот земјотрес на 26 јули 1963 година во Скопје.

Согласно Законот за заштита на природните реткости, Собранието на град Скопје, на 13 мај 1991 година, донесе Одлука за прогласување на Катлановскиот предел за споменик на природата. Овој споменик на природата, се наоѓа на левиот и десниот брег на реката Пчиња и левиот брег на реката Вардар, до устието на овие две реки. Заштитената површина изнесува 5442,6 хек. и се простира во атарот на селата: Градманци, Катлановска Брезица, Летевци и дел од атарот на селата Катланово, Бадeр и Кожле.

На десниот брег од реката Пчиња, каде што е Бањскиот Рид, под овие височини, само на неколку метри од реката постои тераса и тука се наоѓа Катлановската бања. На средината од Бањскиот Рид, се наоѓаат минералните извори. Фосилите од растенијата, морската школка, морскиот еж и другите фосили кои сведочат дека овој простор многу одамна бил дно на некогашно море. Од двете страни на реката Пчиња, кај Катлановската бања постојат бигровити наслаги. Тоа сведочи дека од двете страни на реката Пчиња се наоѓаат минерални извори. Пукнатината која се протега низ Бањскиот Рид, за кој главно се врзани минералните извори, е од тектонско потекло и е во врска со вулканските тектонски појави во Македонија. Длабочината на пукнатината која пресекува големи комплекси земјени слоеви, овозможува постоење на термоминерални извори.

Водите на Катлановска бања лечат: хроничен ревматизам на зглобовите и мускулите, неуралгија, ишијас, рани, костоболки, туберкулоза, анемија, болки настанати од повреди, фрактури, парализи, болести на женските полови органи, импотенција, несоница, камен во бубрегот, неплодност, шеќерна болест, хроничен бронхитис, се делови од регистарот на заболувањата што под надзор на лекар се лечат болните во Катлановска Бања.

По земјотресот од 1963 година гости се примаат во новоизградениот хотел на десниот брег од реката Пчиња, до местото каде се уште сведочат остатоците од Турскиот  амам.

На заштитениот простор од Катлановскиот предел, општа карактеристика на флората и вегетацијата, се должи на доминирањето на термални и ксерофилни растенија и растителни заедници. Овде се среќаваат поголем број Медитерански растенија (Ruskus aculearis, Asparagus acutifolius, Jasminum fruticans, Rus coriaria). Постојат растенија што се на работ на северната распространетост (од Мала Азија до Македонија), како што се: Juniperus excelsa, Podocytisus Caramanicus, Astragulus ponticus.

Растителни видови ендемични за Македонија и за јужниот дел на Балканскиот Полуостров што се среќаваат во низините (Genista trifoliotata, Valeriana dioscoridis, Ramondia nathaliae), како и растителни видови кои останале од поранешните геолошки периоди, а се развиле во повлажна клима (Erythronium dens cenis, Galanthus nivalis var). Сета дрвна растителност на овој простор припаѓа на дабовите шуми. На споменатиот простор е констатирано присуство од 75 вида дрвја и грмушки. Во атарот на село Кожле, на десниот брег од реката Пчиња се простира најсеверниот ареал на фојата (Juniperus excelsa) во нашата земја. Овде дивата фоја формира растителна заедница која е од реликтен карактер, потекнува од шумските иглолисни заедници, со терциерна старост. За време на глацијалниот период кој бил катастрофален по однос на шумската растителност во Европа, за разлика од средниот дел на континентот, во Македонија шумската растителност не исчезнала.

Фауната во Република Македонија е составена главно од средноевропски и медитерански елементи. Од животните во Скопското поле се среќаваат: лисицата (Vulpus vulpus L.), видрата (Lutra lutra L.), јазовец (Meles meles L.), творот (Putorius putorius L.), ласица (Martes nivalis L.), а на брдовитите терени, вистински украс на шумите претставува срната (Capreolus capreolus L.), дивата свиња (Sus scroa L.), волкот (Canus lupus L.).

Катлановското блато во 1965 година согласно “Законот за заштита на природните реткости” е ставено под заштита. Овој специјален резерват (ботанички, ихтиолошки и орнитолошки) се спомнува во документите од историско значење и како објект кој имал фортификациско значење, бидејќи претставувал пречка за премин низ Таорската клисура. Во повелбите (грамоти) издадени по повод обновувањето на манастирот посветен на свети Ѓорги-Горга, што бил по течението на реката Серава, е речено: “Катлановското Блато и е подарено на црквата Св. Горѓија, со ловиштето за риби и другиот дивеч”. Во грамотата е забележано и следново: “Кој ќе влезе во ловиштето без игуменово одобрение да биде проклет од бога и да плати 8 перпери во државната каса”. По ова се наметнува заклучокот дека уште од 11 век користењето на Катлановското Блато било регулирано со претходно добиено одобрение од црквените власти, а за секое друго користење била изрекувана казна. Големите количини риба во Катлановското блато, на жителите од селата, со лов, им овозможувало зимата да ја минат безгрижно, неколку каци во визбите од селските куќи биле полни со посолена риба.

Пред да почне мелиоrizацијата, Катлановското блато било попатно сопирно одморалиште на птиците преселници, кои доаѓале пред да настапи зимата и тоа од север во правец на југ-Солун, и подалеку до северниот дел на Африка. Напролет, птиците преселници, кои летаат во правец на северниот дел од Европа, се враќаат каде што и гнездат, повторно низ широкото Катлановско Блато доаѓале да се одморат. По одморот, водени од вродениот инстинкт, да се вратат од каде што и дошле, летаат во правец на северниот дел од Европа. Во Арачиновското и Катлановското Блато, се до неодамна зимуваа јато на мали пловки (Anas platyrchyncha) кои го надминувале бројот од 2000, доаѓале од 1500 жерави (Grus grus), сивата чапља (Ardea cinerea), црвената чапља (Агdeа purpurea), обичната пловка трскара (Anas platyrhyncha), шамачката гуска која се гнезди ( Апѕег апѕег) од грабливките над трската кружи барската луња (Cirkus aeruginosus) најголем непријател на сите видови мочварни птици, и големиот број на штркови (Ciconia ciconia). Во минатото е утврдено дека во скопската котлина живееле над 240 видови птици, а од кои 160 видови биле гнезделки, додека во мочуриштето гнезделе над 60 видови птици. Поранешната врска што постоеше на релацијата од реката Вардар до езерцето, кое е окружено со трска, прекината е и со тоа оневозможено е крапот (Cyprinus caprio) кој е во реката Вардар да се мрести, во водите што се во границите на заштитениот локалитет. Со ревитализација на дел од Катлановскот Блато, и тоа површината која е ставена под заштита на Законот, прво што треба да се направи, е да се воспостави врската што до неодамна постоеше на релацијата КатлановскоБлато-шамакот и реката Вардар, што ќе овозможи полово зрелите матици на крапот да навлегуваат во до неодамна мочурливата површина. Со ова ќе биде овозможено тука да се мрести крапот. Излупените младенчиња откако извесно време ќе останат во блатото, врската што ќе се воспостави со матичната вода-реката Вардар, ќе дојдат во неа и така Катлановското Блато-шамакот, како единствено мрестилиште што беше во минатото за крапот, повторно ќе придонесе за одржување на рибната популација во реката Вардар и пошироко, по целиот речен систем на оваа река.

Вака ревитализирано Катлановското Блато-шамакот, 70 хек., што се ставени под заштита на Законот, со времето што доаѓа на тој простор ќе се возобнови специфичната барска вегетација. Ова неповторливо богатство, создадено од природата, ќе биде и понатаму попатна сопирна станица на птиците преселници од север кон југ и од југ кон север.

Селото Таор е на левиот брег во теснината на реката Вардар, до каде допира изменета медитеранска клима, било родно место на византискиот император, законодавецот Јустинијан Први (483-565), оддолжувајќи се на родното место Тауресион, денес под името Таор, изградил тврдина. За ова дека е само така, сведочи пишаниот документ од историчарот Прокопиј (?-562) кој рекол: “Кај европските дарданци, кои живеат од онаа страна на епидамниските граници близу до Кастелот Бадеријана, се наоѓа село по име Тауресион од каде потекнува царот Јустинијан, основач на светското царство. Укрепувајќи го ова место во еден зафат со ѕид во четириаголна основа и подигајќи на аглите кули, Тетрапаргија стори и го нарече така. Кај ова село изгради убав град и го нарече Јустинијана Прима и на тој начин се одолжи на родното место”.

На просторот од Катлановскиот предел, за децата треба да се изгради детско одморалиште во кое непроценливите и неповторливите детски сознанија и интерес, ќе се збогатат преку настава во природа. Скопје по 2000 годишно постоење, ќе опстои ако вредностите во неговата непосредна близина, кои имаат светско значење, како што е Катлановското Блато, сопирна станица на птиците кои се селат на потегот од северна Европа и југ кон север, бидат достапни за неговите граѓани, гости, деловни партнери и секогаш да не се заборават децата ширум нашата земја, Балканскиот  Полуостров и Европа.

Патоказите до изворите на термалната и термоминералната вода, оддалеченоста од Катлановската бања до селата во Катлановскиот предел, со содржини за нивните вредности, традицијата на настаните во нив, спомениците на културата, фолклорот, изворната архитектура, богатството на растителниот и животинскиот свет, од прсторот на Катлановскиот предел вклучувајќи го, пред се, Катлановското Блато и реките Вардар и Пчиња, уредување на местата за еднодневен престој, каде што се немалиот број видици, поставување клупи, трасирање патеки за прошетка низ просторот околу Катлановска Бања, пошумување со автохтона растителност, зголемување бројноста на животинскиот свет, создавање на спомен збирка во Катлановска Бања, за вредностите што ги има просторот од аспект на создаденото од природата и човекот, културни манифестации како што се поетски вечери, денови на сликарството, манастирска вечер, негување на традициите преку свадби и крштевки во црквите, исклучиво спортски риболов по течението на реката Пчиња и низа други манифестации кои ќе го покренат се уште живото наше чувство за културен подем на нашата држава.

(Основачите на Друштвото Пријатели на Катлановската Бања и непосредната околина и Здружението за ревитализација на Катлановското блато, на заедничката седница одржана на 24 мај 2005 година заклучија да се покрене акција за обезбедување средства за ревитализација на Споменикот на културата Турскиот амам во Катлановска бања, Катлановското Блато- специјалниот резерват (ботанички, ихтиолошки и орнитолошки) и археолошкиот локалитет во село Таор, Скопско.)