РУБРИКА ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ

Забелешка: Бидејќи најголем број од поставените прашања се однесуваат за добивање државјанство ве упатуваме да го погледнете УПАТСТВОТО КАКО ДО ДРЖАВЈАНСТВО

Голем број од поставените прашања се однесуваат на признавање на ВОЗАЧКИТЕ ДОЗВОЛИ , и во врска со тоа Ве известуваме дека од Министерството за внатрешни работи го добивме следново известување:

Република Македонија има склучено договори за реципрочно признавање на возачките дозволи со следниве држави: Италија, Шпанија и Албанија.

Исто така во завршна фаза се преговорите со Австрија за возачки дозволи од Б категорија, со Германија, Австралија, Нов Зеланд и Словенија за сите категории од возачката дозвола. Иницирано е склучување на ваков договор и со соседна Србија.

Исто така голем број од поставените прашања се однесуваат на ВАДЕЊЕ ВИЗИ И БАРАЊЕ РАБОТА во странство ве известуваме дека Агенцијата за иселеништво на Република Македонија не посредува при добивање било какви визи, ниту при вработување во странство.

Македонија, како и многуте други земји со долга иселеничка традиција нема прецизни податоци за бројот на своите иселеници, додека пак Македонците во соседните земји не потпаѓаат под ингеренциите на Агенцијата за иселеништво, бидејќи тие во земјите каде живеат се национални малцинства. За нив грижа води Министерството за надворешни работи на Република Македонија.

НАЈЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ

Сакам да заминам во Шведска за период од 3 месеци и потоа да се вратам во Македонија, дали ќе може после 3 месеци пак да заминам за Шведска?

Согласно одлуката на ЕУ за либерализација на визниот режим со Република Македонија донесена на 19 декември 2009 година, на државјаните на Република Македонија им се овозможува безвизен влез и претстој до 90 дена, во период до шест месеци, во земјите потписнички на Шенгенскиот договор.

Дали може дедо со македонско државјанство да препише куќа, имот, на внук кој нема македонско државјанство?

Согласно член 243 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за сопственост и други стварни права (Сл. Весник на Република Македонија, бр. 92/2008), ’’ Странски физички лица, државјани на државите членки на Европската унија и на ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој), можат со наследување да стекнуваат права на сопственост врз недвижни ствари на територијата на Република Македонија под исти услови како и државјаните на Република Македонија.

Во Италија сме со бугарски пасош со сопругот,сега имаме бебе сакаме да извадиме патен лист за да идеме во Македонија, но на докуметите на новороденчето нигде не пишува Македонија туку само Бугарија?

Во врска со вашето прашање од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија го добивме следниот одговор, цитирам:

Ве упатуваме на членот 9 од Законот за патните исправи на државјаните на Република Македонија ( Сл. весник на Република Македонија број 67/1992, 20/2003, 46/2004, 73/2004, 19/2007, 84/2008, 51/2011, 55/2016), според кој ‘’Патниот лист е лична исправа која му се издава на државјанин на Република Македонија кој останал во странство без патна исправа, само за враќање во земјата, како и на членот 17 од истиот закон според кој ‘’ Патниот лист го издава дипломатско –конзуларното претставништво на Република Македонија во странство на државјанин на Република Македонија, кој во странство останал без патна исправа’’.

За подетални информации околу издавањето на патниот лист, лицето е потребно да се обрати до надлежното конзуларно претставништво на Република Македонија во странство.

Ме интересира колку можам да останам во Германија со македонски пасош и ако може подетално да ми објасните?

Согласно одлуката на ЕУ за либерализација на визниот режим со Република Македонија донесена на 19 декември 2009 година, на државјаните на Република Македонија им се овозможува безвизен влез и претстој до 90 дена, во период до шест месеци, во земјите потписнички на Шенгенскиот договор

Јас сум државјанин на Република Македонија, имам дозвола за привремен престој во Косово, веќе 5-та година по ред (семејно обединување). Имам возачка дозвола од Косово. Прашањето е:

1. Дали смеам да возам во Р.М. со таа возачка (моментално колата ми е со косовски таблици)?

2. Планирам да купам кола со Р.М. таблици. Дали смеам да ја возам колата со косовска возачка дозвола?

Согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (’’Сл. Весник на Република Македонија бр.54/07, 86/08, 98/08, 106/08, 128/08, 64/09, 161/09, 51/11, 114/12 и 27/14), ’’странец кој привремено престојува во Република Македонија и државјанин на Република Македонија кој престојува или живее во странство и повремено доаѓа во Република Македонија, врз основа на важечка странска возачка дозвола што ја издава надлежниот орган на странската држава и под услов на реципроцитет, може да управува со моторно возило со странски регистарски таблици, на територијата на Република Македонија, за време на својот привремен престој во Република Македонија, за време од шест месеца од денот на влегувањето во Република Македонија, односно странец не може да управува возило со македонски регистарски таблици.

Која е процедурата да земам нов пасош за детето поради тоа што стариот му е со пројден рок. Живееме во Америка во Њу Џерси.

Ве известуваме дека за вашето прашање обратете се до Дипломатско Конзуларното Претставништво на Република Македонија во Њу Јорк, за да прашате дали уште функционираат мобилните станици за добивање на патна исправа на Република Македонија во САД.

Лице кое го губи македонското државјанство на основа на тоа дека добил друго државјанство, дали ги губи правата во Македонија да поседува недвижен имот, правото на пензија и останати права?

Согласно член 243 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за сопственост и други стварни права (Сл. Весник на Република Македонија, бр. 92/2008), ’’ Странски физички лица, државјани на државите членки на Европската унија и на ОЕЦД( Организација за економска соработка и развој), можат со наследување да стекнуваат права на сопственост врз недвижни ствари на територијата на Република Македонија под исти услови како и државјаните на Република Македонија.

Во истовреме ве известуваме дека иако добивате отпуст од државјанството на Република Македонија не го губите правото на старосна пензија.

Напоменуваме дека вие можете да поднесет бараење за повторен прием во државјанство на Реублика Македонија по поминати на најмалку 3 години од денот на отпустот до денот на поднесувањето на барањето за повторен прием.

За кои држави се бара наставник за дополнителна настава за децата на нашите иселеници? Оваа информација ја барам за навремено да подготвам документи за аплицирање.

Конкурсот за наставници кои ја водат наставата по македонски јазик во иселеништвото го објавува Министерството за образование и наука на Република Македонија, за одговор на Вашето прашање обратете се до надлежното Министерство

Почитувани, ме интересира дали со откажување од македонско државјанство се брише и матичниот број? Однапред благодарам.

Ве известуваме дека иако добивате отпуст од државјанството на Република Македонија, матичниот број останува истиот.

Живеам во Австралија 12г со моето семејство и сакаме да се вратиме да живееме во Македонија. Ме интересира кои се законите за увоз на покуќнина и кола, кои се користени во Австралија?

Согласно Царинскиот закон, не се предвидени ослободувања од плаќање на царински и други давачки при увоз на употребувани моторни возила и предмети за домаќинство од страна на физички лица.

Царинските давачки се наплатуваат согласно Законот за царинска тарифа и се објавени на веб страна на Царинска управа на Република Македонија на следниот линк www.customs.gov.mk