Големата страст за сликовито документирање на племенските луѓе и нивниот уникатен начин на живот. Нејзината фотографија на ловец по име Салиукан и неговиот златен орел во Монголија, се најде на страниците на списанието „National Geographic” како слика на денот. Интервју со Билјана Јуруковска, македонката од Сиднеј која реди успеси еден по друг.

 

  1. Родени сте во Прилеп, а своето средно и високо образование го завршувате во Битола, по тоа магистрирате во Австралија, од каде желбата и потребата да заминете во Австралија?

 

– Средното медицинско и Вишата медицинска школа ги завршив во Битола, а потоа во Австралија продолжив на магистратура за Менаџмент на здравствени установи. Во Австралија имавме шанса да заминеме, бидејќи мојот сопруг е роден таму и извесен период има живеено, но на мали години е вратен тука се додека не се одлучивме да појдеме и да пробаме да живееме таму.

 

  1. Од каде желбата и инспирацијата за фотографирање?

 

– Од мали години бев премногу креативна и љубопитна и секогаш мечтаев, уште како дете да одам на далечни места што не се туристички дестинации. Желбата се појави кога прв пат ја посетив Индија пред 10 години и толку бев фасцинирана од боите, хаосот и самиот начин на живот во Индија. И тогаш размислував како би било интересно сето тоа да се долови и прикаже преку фотографија. Сепак, клучниот момент беше пред некои години кога дојдов до една книга од познат фотограф Jimmy Nelson, а книгата се викаше „Пред да исчезнат”. Имаше посебна слика што ми остана во сеќавање и тоа беше еден стар домороден човек кој беше накитен со рогови од животни, а во рацете држеше пушка и до него имаше две мали деца со исцртани лица. Таа фотографија ме направи толку љубопитна и почнав и самата да се прашувам: Дали се уште има луѓе што живеат вака, каде се, како може да се дојде до нив … и безброј други прашања на кои одговорите ги откривам и ден денес со моите патувања.

 

  1. Што за вас значи фотографирањето и самата фотографија?

 

Имам огромна љубов и пасија за фотографијата, но сепак сум до некој степен и ограничена кој вид на фотографија би можела да ги работам. Мојот интерес е премногу специфичен и сум ориентирана на култура, традиции, домородни луѓе и нивниот начин на живот и портрети. Фотографијата ја гледам како начин за комуникација со други народи и култури и пренесуванње на таа убавина. Во исто време фотографијата, а и местата што ги посетувам ги гледам како предизвик на едно стереотипно размислување што е поврзано со традиционалното размислување дека е претежно за припадниците од машкиот пол.

 

  1. Работите како извршен менаџер во The Aged Care Industry Association. Што за вас значи оваа работна позиција, како ја надополнувате со фотографирањето?

 

Работната позиција си е поврзана со одговорност што е во ред, но премногу ми е важно да имам еден баланс во животот. Работам неколку месеци и по тоа мора да се исполнам и да ја задоволам креативната страна, па така заминувам на фотографски експедиции па потоа имам барем некој месец да работам на фотографија откако ќе се вратам. Самата работа ми дава можност да си ги спонзорирам моите патувања, така што и таа ми е премногу важна.

 

  1. „Тhe Eagle Hunter“ заврши на „National Geographic“. Избрана за Фотографија на денот од „National Geographic“ воедно е објавена во многубројни списанија, меѓу кои и „Sydney Morning Herald“ и „Art Ascent – international journal of art“ како и добитник на фотографската награда Heritage Bank, како дојде до реализација на оваа фотографија, што ве поттикна за да ја направите?

 

– „Тhe Eagle Hunter“ е фотографија на која е сликан ловец со орел што живее во Монголија. Во 2016 година бев на фотографска експедиција во Монголија, во местенце блиску до Казакстан и останав со фамилијата на човекот кој е на сликата. Секој ден одевме заедно, додека го тренираше неговиот орел да лови и воедно да се подготвува за познатиот Golden Eagle Festival што се случува секоја година во октомври месец. Самата фотографија излезе спонтано без некое планирање.

 

  1. Каде се имате патувано и фотографирано? Која од фотографиите ви е во посебно сеќавање?

 

– Па видете имам патувано на многу дестинации, но некои од поинтересните се Етиопија (веќе три пати одам таму), Ангола, Монголија, Индија, Непал, Кина, Куба, Мексико, Нов Зеланд, и се разбира многу земји од Европа. Африка и Индија ми се едни од најомилените дестинации за фотографирање.

 

  1. Фотографијата „Tribal Allure“ претставена во „Тhe Guardian“. Влезе во уредничкиот избор на „Guardian“ и почнувајќи од 28 декември, ќе биде искористена за промоција на прес-кампањата на „British Journal of photography“.Фотографии од ова портфолио веќе се влезени во најтесен избор во категоријата Патувања и луѓе, за наградата „Австралиски фотограф на 2018 година“, чии конечни резултати ќе бидат објавени во февруари идната година, што очекувате од овој настан?

 

– Фотографиите од портфолиото „Tribal muses” веќе има земено многу награди и во 2019 година некои одат на изложба во Барселона и Берлин. Во март околу 25 фотографии од портфолиото „Tribal Muses”, ќе бидат објавени во Шпанскиот Магазин „La Fotografia”. Точно влезени се во најтесниот круг на Австралискиот фотограф – Патување и луѓе, а за очекување искрено кажано немам размислувано, затоа што во моментов сум премногу ангажирана со припреми за други експедиции и за истите треба да дознаам за некој ден.

 

  1. Фотографирате и во вашата татковина, што ве инспирира и што сакате да фотографирате кога сте тука?

 

– Искрено ме инспирираат традициите и обичаите, на пример го имав сликано Вевчанскиот карневал, а на лето би сакала да ја сликам Галичката свадба.

 

  1. Што ново изучувате на патувањата каде одите да фотографирате, кое од патувањата ви остави до сегa најголем впечаток?

 

– Што би рекле секое патување, ново доживување и секое едно ти остава различни впечатоци затоа што сe среќавам со различи култури и начини на живот. Со секое патување станувам побогата со нови пријателства и познанства. Некои од работите кои ги имам научено e дека мора да бидеш подготвен да прифатиш да се адаптираш.

 

  1. Кои се вашите идни планови, што е следно на распоредот за фотографирање?

 

– Следно патување е Етиопија, но овој пат посетувам повеќе различни домородни племиња. Имам планови за самостојни изложби и се надевам дека ќе се случат во 2019/2020 година. Самите изложби земаат месеци на припреми и ќе имам доста работа за истите.

 

За подетални информации за активностите на Билјана Јуруковска на следниот линк:

https://www.instagram.com/tribal_muse_gallery/?fbclid=IwAR2FA-CSC74fzUQX2NjsGDkg1C3qhFIAQIE2QbrPHYyUcMfFi-IhRq5oD4U