Започна како водител на  радио емисијата „ИНФОМАК“  на Здружението Гоце Делчев од Врање, а по тоа продолжи додипломските студии на правните студии при Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје при УКИМ, интервју со младиот и амбициозен правник Бобан Величковиќ

 

  1. Родени сте во Врање, но по извесен период доаѓате во Скопје, каде што го завршувате вашето високо образование, од каде желбата да се варатите назад?

 

Па видете, иако сум роден во Врање, морам да признам дека уште од најмала возраст многу често доаѓав во Скопје. Речиси и да немаше викенд, во тоа време распуст, празник или некој друг слободен ден, а јас да не дојдам  кај баба ми и дедо ми за да ги поминам слободните денови. Некако го засакав градот, населбата, луѓето, друштвото, генерално околината. Не само што го завршив високото образование, туку го завршив и средното образование тука. Не можам да речам дека и кога одам во Врање не се чувствувам убаво, меѓутоа веројатно доаѓајќи често тука некако ми се изроди таа желба, градот на некој начин ми „влезе под кожа“. Веројатно поаѓајќи од тоа чувство се запишав во едно од средните училиште во скопската населба Карпош. Со тек на време, нормално остварувате разни пријателски врски, се вклопувате во околината, запознавате нови луѓе и го развивате чувството на припадност на определено опкружување. Скопје е главен град, со многу можности и перспективи, сето тоа во корелација со претходно кажаното претпоставувам го дава одговорот на вашето прашање.

 

  1. Дипломиран правник сте, а магистриравте  на темата  заштитениот сведок во македонското казнено право, што ве  натера да ја изберете оваа тема и што ве научи истата додека ја работевте?

 

Знаете како, во текот на додипломските студии на правните студии при Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје при УКИМ, а согласно научните програми на факултетот,  доаѓате во допир со сите гранки на правото, меѓутоа, кога  за  прв пат го отворив учебникот по кривично право, кривичниот законик, а тоа колку што се сеќавам беше во четвртиот семестар, знаев, дека кривично-правната материја е тоа што ми „лежи“, и се разбра уште тогаш  пројавив интерес за подлабоко изучување на оваа правна материја. Консеквентно на тоа, се запишав и на пост-дипломски студии по Кривично право. Желбата за изучување на кривичното право во текот на пост-дипломските студии само се зголеми, во голем дел и благодарејќи на катедрата по кривично право при Факултетот, составена од еминентни професори од оваа област, за мене исклучително почитувани колеги, од кои причини и ја избрав вака поставената тема, меѓу другото и заради тоа што сакав тема која ќе биде поразлична, актуелна, недоволно разработена и која се разбира ќе даде реален општествен придонес и како таква ќе има и соодветна оправданост во нашето општество.  Во текот на подготовка на мојата теза, бидејќи ме прашувате што ме научи додека ја работев, морам да признам и воедно да дадам една критика дека низ подготовката дојдов до определени сознанија и заклучоци кои укажуваат на тоа колку во суштина неусогласен, односно не доволно усовршен правен систем за спречување на организираниот криминал и корупција преку употреба на институтот „заштитен сведок“ имаме, како и тоа дека мора како општество да се посветиме и да работиме на подобрување, како на регулативата во овој дел, така и на практичната примена на законските одредби. Во контекст на ова, не можам, а да не го истакнам и фактот дека многу често се случува да имаме навистина добри законски решенија, хармонизирани со меѓународните прописи и регулативи што ја регулираат оваа област, меѓутоа да имаме проблем со фактичка примена на истите, значи имаме „dejure“ добри законски решениа, меѓутоа „defacto” проблем во нивната примена.

 

  1. Како млад и успешен правник, членувате во голем број на организации кои се занимаваат со едуцирање на кадри во оваа бранша, како е да сте член во „Здружение на млади кривичари, што ве научи ова здружение?

 

Точно, покрај оној секојдневниот „професионалниот – работниот“ дел од животот, настојувам постојано да ја следам правната проблематика и со еден критички пристап, се разбира, колку што можам да допринесувам кон постојано подобрување на домашната легислатива. Здружението на млади кривичари како еден вид „еснафско“ или професионално здружение, во кое членуваат голем број на професионалци од областа на кривичното право, сегашни и бивши студенти се формира како здружение кое по примерот на некои европски земји, но и земји од соседството, треба да ги поврзува студентите, професорите, но и оние магистранти и дипломци, кои сега веќе се искусни професионалци, секој со своите искуства и знаења стекнати низ теоријата, но и низ практичната примена на правните норми, заедно да соработуваат и се разбира на тој начин да допринесуваат кон подобрување на постојната регулатива и надминување на секојдневните проблеми со кои се соочуваат во нивното работење или студирање. Токму тоа, не само мене, туку сите не учи ова Здружение, дека низ конструктивен дијалог, критичка мисла и анализа,а преку заедничка дружба и соработка може да се дојде до вистинските и квалитетни решенија.

 

  1. Покрај ова здружение воедно сте и член  во Здружението Гоце Делчев од Врање, што ве поттикна да бидете дел од него и кои се сегашните ваши обврски кон здружението?

 

Како што споменав претходно, јас сум роден во Врање. Еден добар дел од најмладите години ги поминав во Р.Србија. Но настрана од тоа, се сеќавам дека тогаш добив покана од страна на Здружението, како личност која одлично, на ниво на мајчин јазик го владее македонскиот јазик, да бидам водител на емисијата „ИНФОМАК“ чија цел беше македонската традиција, култура, обичаи и  тоа всушност беше еден од најубавите и меѓу најуспешните проекти кои ги реализира ова Здружение. Бидејќи веќе не сум студент, а како студент започнав да членувам во ова Здружение, сега јас сум тука за останатите пријатели, сегашни студенти и помлади членови на Здружението, како пријател, но и како правник во соработа со Агенцијата за иселеништво, да им пружам максимална поддршка и помош при нивното позиционирање и реализирање како личности во системот на нашата држава.

 

  1. Која е разликата во двете држави, каде се чувствувате дома?

 

Не знам дали би можел некоја голема разлика да направам помеѓу државите, а притоа соодветно да го задоволам барањето за одговор на ова прашање. Оттука, морам да потенцирам дека многу работи всушност се повеќе слични отколку различни. Тешко е затоа и дипломатски ќе одговорам, дома се чувствувам тука, а таму е како дома.

 

  1. Што е потребно за да еден млад човек биде успешен, кои се вашите чекори при градењето на кариерата?

 

За еден човек да биде успешен треба многу посветено да работи на себе, како на професионален план така и на социјален. За да се биде успешен треба да се има цел во животот и многу да се вложува во себе и во сопственото надоградување, а тоа пред се’ и над се значи дека човек треба да се образува, да вложува во сопственото образование. Тоа е сржта, коренот на успехот бидејќи, кажано со зборовите на Аристотел: „корените на образованието се горчливи, но плодовите се слатки“. Втората работа е да се има цел во животот, таа да биде реално поставена и остварлива и да се работи активно кон постигнување на таа цел. Можеби понекогаш патот до целта ќе биде потежок, со повеќе кривини и ќе има многу пречки, но се додека посветено сте ориентирани кон постигнување на целта, успехот е повеќе од загарантиран.

 

  1. Што правите во слободното време?

 

Тоа зависи многу од периодот на годината, така и ми се детерминирани активностите во слободното време. На пример, зимно време навистина уживам во скијањето,особено во овој дел и од причина што чувството на свеж планински воздух пропратено со убаво сончево време е незаменливо. Од друга страна, активно се бавам со спортски активности како теретана, трчање, пливање и уживам во здравата храна. Секако, преку викендите, имам обичај да испијам и по некое кафе со пријателите.

 

  1. Кои се вашите идни планови?

 

Знаете како, еден мудар човек еднаш ми рече „секогаш во животот имај план, имај повеќе алтернативни планови, но не ги откривај, работи на реализација, но не премногу збори“. Така, што ќе ви одговорам дека имам повеќе планови, на лично и професионално поле, опции кои ги разгледувам и размислувам, но сега за сега ценам дека не би избрзувал  и истите би ги задржал за себе.

 

  1. Што им порачувате на сите кои го читаат ова интервју?

 

Па би им препорачал прво и основно да веруваат и посветено да работат на себе. Да се проектираат каде во животот би сакале и што би сакале да бидат, да зацртаат реална, остварлива и достижна цел и кон неа активно да работат. Само така ќе се оформат во квалитетни и здрави личности, професионалци кои ќе бидат препознаени од општеството, а за се останато – ќе склучиме анекс-договор.