Го препознаваме по детскиот фестивал  „Златно славејче и песната „ Марионка. По 20 години се врати во родната Струмица. Учеството на песна за Евровизија ќе остави трага на нековата музичка кариера.  Васил Гарванлиев со свое интервју за Агенцијата за иселеништво.

 

1. Кога ќе ја прочитаме вашата биографија, ќе заклучиме дека музиката е вашиот живот, како да сте преодредени да ја работите оваа професија, познати сте по детскиот хит „ Марионка” која ја испеавте на детскиот фестивал Златно славејче во деведесетите години, што за вас значи музиката, зошто токму со тоа се занимавате и колку ни недостасуваат  детски фестивали?

Една од моите омилени песни вели:  “If music be the food of love … Sing on …”

Светот во кој што живееме денес е многу мрачен. Вперување со прст кон другите е најлесната и најчестата работа. Музиката како и да е, е клучен фактор и лечи апсолутно се.Таа не обединува сите.

 

Пример за тоа се последните големи настани што се случија во нашата земја, и повторно музиката беше најгласниот  јазик како: Евровизија, победата на Вардар, маратонот во Струмица. Во вакви прекрасни моменти секогаш прославуваме со песна бидејќи таа не зближува сите. Таа е најмоќната форма  според мене.

 

Јас секогаш се шегувам, дека или сум благословен или пак проколнат во оваа професија, бидејќи само тие што се внатре во неа знаат колку и не е така едноставно како што изгледа. Но така е се додека не направам чекор на сцена, во тој момент се си има своја смисла пред публиката: мојата приказна, мојот глас како инструмент за инспирација и будење на емоции.

 

Музиката за мене е универзален пасош, ја сум тоа што сум само поради музика.

 

  1. За време на средношколските денови се преселувате заедно со вашето семејство  во (Chicago) Торонто, зошто заминавте и како се одвиваше вашиот живот во Канада? 

На ова прашање се смеам и си велам ако треба да одговорам искрено ќе треба да напишам книга ( што секако планирам во блиска иднина) но да не должам, тој процес ми помогна да сфатам што значи да се  гордееш со твоето потекло и да не се плашиш да го кажеш тоа гласно.

 

Музиката ги пресели моето семејство во Америка во 96та, оттогаш поради неа јас сум македонски амбасадор насекаде  каде што настапував. Од солист во детскиот хор на Чикаго па се до најпознатите и најголемите музички сцени. Но пред се таму  се здобив со основата и школата што денес ме направи дисциплиниран уметник, ми дозволи да ја научам и да ја споредам мојата приказна преку гласот. (наскоро ќе читате во новата книга на Васил…) хаха

 

  1. Во  Канада  го усовршивте вашето пеење, оперското пеење  е вашата природна средина, што за вас значи операта? Која  е вашата омилена улога, која сакате да ја изведете еден ден? 

Торонто беше прекрасно искуство. Поминав 10 години таму, и токму таму ја започнав мојата оперска кариера, прво како ученик во Glenn Gould School of the Royal Conservatory of Music, а потоа бев избран од оперските компании меѓу кои и потпишав договор со светски познатата агенција IMG Artists.

 

За мене операта е неверојатна уметничка форма што ти дозволува да навлезеш длабоко во историјата на уметноста, карактерот, приказната и слободата да бидеш тоа што не си, и притоа да раскажеш приказна која е стара со илјадници години.  Операта е  убав контролиран врисок,  начин на комуникација и бесценета уметничка форма без моќта и помошта на микрофони. Најомилени ликови ми се: Лепорело, Дон Џовани од Моцартовото Дон Џовани.

 

  1. Кога ја читаме вашата биографија, оние кои следат музиката  ќе забележат дека сте соработувале со Јојо Ма најпознатиот светски челист, кој зад себе има блескава кариера,  што за вас значи оваа соработка? 

Соработката со маестро Јојо Mа беше еден од тие најскапоцени бисери од  детскиот хор од Чикаго што ми го подари. Бев солист на еден настан каде пеевме Реквием на Форе.  Да се биде на сцена со него е лекција што не се учи во училиште. Инаку луѓето кој се реализирани на тоа ниво се многу скромни, имаше неверојатен мир во него исто како Боби Мек Ферин со кого пеев  Глориа на Вивалди. Такви моменти се толку инспиративни што ќе те натераат и самиот да постигнеш само за да можеш подоцна да го споделиш со младите генерации. Инаку на листата со кој соработувавме е долга на пример: Р Кели, Селин Дион, Барбара Страјсенд, Маја Ангелу и многу други.

 

  1. Се вративте дома, по 20 години повторно имате можност да сте меѓу струмичани, како е да си дома, се има ли сменето многу? 

Моето враќање беше шок за сите, почнувајќи од моите најблиски роднини, па се до тие нови пријатели и соработници што ги запознавам, со исклучок за една личност- Самиот себе.

 

Сакам предизвици. Сонувач сум. Изборот да оставиш се позади себе, да се откажам од опера беше страшна одлука. Но си го послушав мојот внатрешен глас кој ми кажа дека имам нешто поголемо, специјално и по уникатно  што треба да го споделам со светот, и за да го направам тоа требаше да се навратам на моите корени и оттаму да се спремам за нов лет.

 

Нигде не  е како дома, после Чикаго, Торонто, Милано и Лондон секако дека не е лесно, но јас брзо се адаптирам. Фактот што во време кога сите ја напуштаат земјава јас се вратив кажува колку луд и специјален избор направив.

 

  1. Неодамна, по враќањето снимивте  спот за песната „Ѓердан”, кој е мотивот за да ја снимите оваа песна, каде ја снимавте и која е нејзината порака? 

Ѓердан е причината зошто се вратив. Кога се запознав со композиторот на песната Саша на аеродром и ми ја запеа песната во истиот момент знаев дека тоа е тоа што го барав.

 

Целата приказна се роди спонтано. Пораките во видеозаписот се едноставни-  погледнете во Вашиот двор и тоа е  некогаш доволно за да сфатиме дека треба да го вреднуваме тоа што веќе го имаме. Ѓердан си е  метафора на сите нас во оваа земја, еден ѓердан нанижен од сите нас во едино.

 

Локациите се мои омилени места од Македонија, тука би сакал да се заблагодарам на целиот тим што застана зад овој проект: Весна Малинова, Дики Тавитијан за аранжманот и целата екипа позади видео продукцијата.

 

https://www.youtube.com/watch?v=okZTxXbwFIU

 

  1. Во спотот за песната „Ѓердан” глуми и Сања Ристиќ, позната по детскиот хит „ Ех тој Тоше” и по 20 години се уште златните славејчиња се дружат, што е сменето од тогаш, какви спомени ви буди детството? 

Ние се запознавме на Златно Славејче и од тогаш до ден денес сме како семејство. Сања за мене е доказ дека животот може да биде толку убав и дека без разлика на далечината некои пријателства траат како никогаш да не престанале. Секако ништо не е случајно со неа во овој видео запис таа во него е трудна со нејзиното второ прекрасно момче, метафорично го претставува раѓањето., плодот  и љубовта на нашата земја.

 

Тоше & Марионка ФОРЕВЕР.

 

  1. Бевте дел од тимот  на Евровизија 2019 година во Тел Авив, одличен тим предводен од  Коста Петров, кои спомени од таму ќе ги понесете со себе, како е да сте дел од тим кој испишува историја за музичката сцена, колку време се подготвувавте за настапот? 

Евровизија беше прекрасно искуство. За мене беше потврда дека направив правилен избор за да оставам се зад себе и да се вратам да го следам својот сон. Тамара ја распевав и смирував пред секој настап, и за мене тоа беше најмагичниот момент од ова патување. Сите бек вокали сме соло пејачи, и не беше така лесно да се повлечеш за да пејачот пред тебе блесне. Ми беше чест да ја подржам. Знаев дека сакам да одам на Евровизија уште кога се подготвувавше песната и ме  контактираа во Чикааго да му помогнам на Коста околу текстот.  Евровизија е сон на сите соло пејачи, и ова искуство ја зголеми мојата желба дека тоа е следниот чекор за во блиска иднина. Стискаме палци.

 

  1. Како го исполнувате вашето слободно време?

Многу едноставно. Пријатели, фитнес, време со моите роднини, пишувам музика, играм карти и многу досетки. Васил во приватниот живот е забавен/луд  лик кој не се плаши да биде споен со малото дете во него.

 

  1. Кои се вашите следни планови?

Следните чекори се соработки и креирање на нови песни со македонски музичари.

 

Го објавив мојот втор проект пред Евровизија кој е дел од еден поголем проект каде се надевам дека ќе успеам да допрам до корените на нашата богата македонска музика, но со моја интерпретација и печат. Ова е повеќе акустичен и класичен пристап што ги најавува моите акустични концерти наскоро на есен.

 

https://www.youtube.com/watch?v=j7Thw4HjX7U

 

Следен голем концерт е трибјутот за Тоше со мојата драга Александра на Стумица Опен фест на 14 ти Август.

 

Во меѓувреме сум во студио со Дарко фокусирани на покомерцијална музика. Наскоро ќе заиграме.

 

  1. Која порака сакате да ја упатите до сите кои го читаат вашето интервју?

Пораката е следна:

Биди ти! Живеј, Сакај, Смеј се, Учи

Биди глуп, паметен, Биди ТИ!

 

Не дозволувајте другите да ве сопрат, и не се плашите од тоа што сте.

 

Вербата е тешка, но ништо не е поубаво од тоа да заспиеш знаејќи дека ја живееш твојата вистина. Тоа никој не може да го одземе од вас.

 

Go on now!

I love you all.