„Утеха за голите“, „Собирачи на пепел“ и „Ненасловена месечева соната“, се дел од наградуваните романи на писателот Давор Стојановски. Млад и успешен писател, преведувач, музичар и вљубеник во пишаниот збор, неговото моментално место на живеење е во Австрија, но далечината не го сопира во пишувањето. Интервју со Давор Стојановски.

 

 

  1. Кога некој ќе ја прочита Вашата биографија, ќе дојде до заклучок дека сте млад, а премногу успешен. Сте дипломирале на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а сте магистрирале на истиот факултет, на студиската програма за Македонска книжевност, со трудот „Историографската метафикција од С до З (Анализа на двете верзии Сестрата на Сигмунд Фројд и Сестрата на Зигмунд Фројд од романот на Гоце Смилевски)“.Од каде желбата да студирате книжевност?

 

– Уште во периодот додека бев во средно училиште, почнав поинтензивно да читам, а под тоа мислам на литературата што излегува од рамките на наставниот план. Веројатно тогаш се побуди интерес да ги гледам делата и од поинаков агол, постручен. Во меѓувреме почнав и самиот да пишувам. Најпрво се запишав на Електротехничкиот факултет, за кој всушност се подготвував со мојата студиска програма, но уште во првиот семестар сфатив дека иако можеби имам корист, сепак, немам љубов за таа струка, така што ја следев својата побуда и желба што постоеше, а со текот на времето само се зацврстуваше – да ја изучувам книжевноста, како и јазикот. И тоа ме доведе до Филолошкиот факултет.

 

  1. Пишувате во речиси сите книжевни жанрови. Вашиот прв роман е „Ненасловена месечева соната“, а вториот „Собирачи на пепел“. Од каде желбата за пишување, што ве инспирира додека пишувате?

 

– Пишувањето ми доаѓа спонтано и природно. Не можам да проценам од каде е желбата, повеќе би рекол дека се работи за потреба. Првиот роман го работев приближно осум години, и токму преку овој процес го согледував и своето созревање како писател, со секоја нова варијанта. Тоа беше миг кога се пронаоѓаше стилот, затоа што пишувањето, освен што е вештина, е и занает што се изучува и може или не мора да се поправа и преобликува. Во последните два романа, кои се разликуваат од првиот, сметам дека веќе го имам пронајдено стилот што подолго го барав.

 

  1. Во моментов сте во Австрија, зошто заминавте?

 

– Мојата сопруга е Австријка. Додека бевме во врска, се движевме на линија Македонија-Австрија, но на крајот требаше да се одлучиме за постојано живеалиште. Секако, секоја опција подразбираше одредена жртва, но воедно и придобивка – така што требаше да се премерат и двете. Но, во поглед на мојата вокација, со оглед на тоа што се занимавам со пишување и со преведување, јас и натаму придонесувам за македонската култура, затоа што пишувам на мајчиниот јазик, така што не чувствувам многу оддалечен од родната земја.

 

  1. Пред самиот крај на 2018 година ја издадовте својата најнова книгата „Утеха за голите“.Што да очекуваат читателите од третиот роман?

 

– Романот е мошне близок до претходниот, „Собирачи на пепел“, во поглед на сензибилитетот и тематиката. Краток роман со динамично дејство,со приказна што се движи меѓу минатото и сегашноста, а раскажува за шахист од Источна Германија, кој учествувал на олимпијада во Скопје 72-та, кој по триесет и пет години повторно се враќа во градот, откако ќе открие една бизарна тајна што го поврзува со минатото.

 

  1. Дали Вашите романи се преведени на други јазици?

 

– „Ненасловена месечева соната“ е преведен и објавен во Бугарија, а се очекува наскоро и преводот на „Собирачи на пепел“, кој на почетокот од годинава излезе во руски превод. Некои раскази и песни, како и извадоци од романите, се преведени и на српски, словенечки и на англиски јазик.

 

  1. Има ли млади автори на нашата литературна сцена и што би ги советувале?

 

-Со оглед на бројот на жители на земјата, кај нас има многумина што пишуваат и објавуваат, но квантитетот не значи и квалитет. Генерацијата од 70-тите и 80-тите внесе свежина во книжевноста, особено мислам на оние автори што се зафатија со пишување современи теми, блиски на читателите. Неколку имиња се особено важни и заслужно побудуваат интерес кај публиката и сметам дека нивните дела ќе опстојат и понатаму. А што се однесува, пак, до оние автори што допрва посакуваат да објават дело, што се обидуваат да го напишат првиот ракопис, што и натаму работат на пронаоѓање на својот стил, би ги советувал да бидат истрајни, да прифаќаат критики, да не брзаат со објавување, и – што е најглавно – да читаат многу.

 

  1. Кои се вашите идни планови, што можеме да очекуваме од вас?

 

– Наскоро, во средината на март, ќе се промовира романот „Утеха за голите“. Годинава ќе излезе од печат мојата прва збирка поезија. Следниот роман веројатно ќе почека, иако постојат идеи и за него, но во периодов му се посветувам на преводот од словенечки на романот „Смоква“ од Горан Војновиќ.