Вљубеник во францускиот јазик, докторант на докторски студии на универзитетот Сорбона – Париз 3 и универзитетски лектор кој предава на Државниот институт за источни јазици и цивилизации (ИНАЛКО), кој слободното време го посветува на културата и театарот, хоби од средношколските денови. Инспиративна приказна на младиот и успешен лектор Дарко Рисовски, преточено во интервјуто за Агенцијата за иселеништво.

 

  1. Своето средно  образование го завршивте во гимназијата „Раде Јовчевски- Корчагин” на билингвалната програма на француски јазик, по ова завршивте високо образование на  Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” на Катедрата за романски јазици и книжевност, на групата за француски јазик и книжевност, толкувачка и наставна насока, од каде љубовта за изучување на јазици?

Уште во моето детство обожував патувања и мечтаев за осознавање други култури, земји, обичаи и запознавање луѓе од други социокултурни средини и мислам дека токму тие желби и мечти се зародиш на мојата љубов кон странските јазици.Со изучување на странските јазици почнав на 9-годишна возраст. Желбата за изучување француски јазик ја поттикна мојата тогашна наставничка по француски јазикг-ѓа Билјана З. Кракутовска, која преку нејзиниот интерактивен, интересен и иновативен наставен пристап секојдневно ми ја пренесуваше нејзината љубов кон јазикот на Молиер и ми ја доближуваше француската култура. Подоцна, во корчагинските клупи се запознав со француската литература, уметност и историја, членував во средношколската гимназијалска театарска трупа на француски јазик, учествував на театарски фестивали во Франција и во други франкофонски земји, се запознавав и зборував француски со мои врсници од Франција, кои до ден денес ми се верни пријатели, а притоа ги согледував културните разлики што го збогатуваат светот. Одлучив дека сакам да се занимавам со француски јазик за време на моето прво самостојно патување во Франција кога со мојата најдобра другарка од Корчагин Ана Ѓорѓиевска Делов, на 17-годишна возраст учествувавме на меѓународен камп за заштита на француското културно наследство. Тогаш го доживеав шармот на оваа земја, чекорејќи низ градовите во коишто твореле и се инспирирале големите француски уметници, писатели, научници, воодушевувајќи се на ремек-делата од француската ликовна и музичка уметност, литература, кинематографија, гастрономија и архитектура. Желбата за продлабочување на познавањата на францускиот јазик и литература ме поттикна да се запишам на групата за француски јазик и книжевност при Катедрата за романски јазици и книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје каде што, благодарение на еминентните професори, се стекнав со знаења за граматичката структура на францускиот и македонскиот јазик во различни форми и во различни функционални стилови, за француската литература и цивилизација, но и со вештини и техники за преведување и толкување од француски на македонски јазик и обратно. Љубовта кон јазикот ја негував и надвор од амфитеатрите на Филолошкиот факултет: членував во франкофонската театарска трупа „Арткоолик“, учествував на културни настани во Францускиот институт во Скопје, бев активен член во младинската секција на Франкофонскиот круг во Скопје и ја претставував Македонија на бројни младински обуки, седници и предавања во Брисел, Бејрут и Луксембург организирани од страна на младинското франкофонско здружение „Млади франкофони во акција“ со седиште во Луксембург, во рамките на коешто во 2010 год. бев избран како претставник на младите франкофони од Источна Европа.

 

  1. Тука не застанавте. На Универзитетот Сорбона ги продолживте вашите магистерски студии по уметност, литература и јазик на Катедрата за дидактика на странски јазици, специјализиравте дидактика на францускиот јазик како странски и како втор јазик,  како одлучивте да се запишете на престижниот Универзитет за да го усовршите вашето знаење, на што ве научи студирањето на Сорбона?

Благодарение на Универзитетската агенција на Франкофонијата добив можност да студирам на дисперзираните магистерски студии од универзитетот Сорбона – Париз 3 на универзитетот во Букурешт, програма којашто беше наменета за студенти од Централна и Источна Европа. Во текот на вториот циклус студии научив да применувам нови пристапи, средства и методологии со цел да го подобрам квалитетот на наставата по француски јазик, а работев и на доста истражувања и проекти од областа на дидактиката на францускиот јазик под надзор на професорите од Сорбона – Париз 3. Имав чест да следам предавања на реномирани професори чиишто научни трудови и дела со задоволство ги читав и ги учев уште во текот на моите додипломски студии.

 

  1. Кога ја читаме вашата биографија, можеме со сигурност за заклучиме дека сте вљубеник на францускиот јазик, но пред сѐ дека сте една млада, успешна и амбициозна личност, па така на истиот Универзитет запишавте докторски студии по дидактика на француски јазик,  која е разликата во студирањето во Скопје и во Париз, какви се разликите во наставната програма?

Секоја студиска програма има добри страни и аспекти коишто би можеле да се подобрат. За време на додипломските студии во Скопје се стекнав со одлична теоретска подготвеност, којашто претставуваше темел за моите постдипломски и докторски студии на францускиот универзитет Сорбона. Се разбира дека пристапот до информации, разноликоста на темите на истражување, можноста за соработка со многубројни универзитетски јазични лаборатории и можноста за размена на студенти се предности што ги нудат француските универзитети.

 

  1. Во моментов работите како универзитетски лектор и предавате на Државниот институт за источни јазици и цивилизации (ИНАЛКО),на Лекторатот по македонски јазик, истовремено спроведувате  истражување во рамките на вашите докторски  студии на универзитетот Сорбона – Париз 3, изминатите  години бевте универзитетски лектор по француски јазик од Универзитетската агенција на Франкофонијата на Техничкиот универзитет во Клуж- Напока, Романија, воедно во вашето работно искуство  ќе ги вброите и предавањата по француски јазик во Францускиот институт во Скопје, богато работно искуство кое стои зад вас. Што е поразлично во работењето во странство и дома, кои нови искуства и хоризонти ги стекнавте?

Се разбира дека секоја работна средина го збогатува нашиот личен развој, ја зацврстува самодовербата и го проширува нашиот светоглед. Работењето во странство, соработувањето со колеги од други земји, предавањето странски јазици на студенти од различни социокултурни средини ми беше и сè уште ми претставува предизвик. Но, морам да истакнам дека, без разлика на местоположбата на работното место,за извршување на секој професионален ангажман посветувам еднакво внимание, труд, одговорност и енергија.Од сите мои претходни работни искуства носам прекрасни спомени, а со моите поранешни колеги често работиме на заеднички истражувања и франкофонски проекти.

 

  1. Во своето работно искуство ќе ги вброите и  анимирањето на  театарски  работилници за млади, преводите од  македонски  на француски јазик, уживате ли во уметноста, ги сакате ли ваквите преводи, учите ли од истите нешто ново, кое ниту еден Универзитет нема да ве научи?

Театарот ми е хоби уште од средношколските денови. Деветгодини аматерски се занимавав со театар, почнувајќи од Корчагин па сè до крајот на студентските денови.Толкувајќи улоги во претстави на македонски, француски и италијански јазик учев и вежбав актерска игра, сценски говор, техника на глас, но истовремено ги усовршував и јазичните вештини, стекнав самодоверба и го пребродив срамот од говорење во јавност. Во текот на многубројните патувања и учества на меѓународни фестивали за гимназијалски или студентски франкофонски театар во Македонија, Франција и во земјите од поранешните ју-простори, стекнав пријателства за цел живот.Инспириран од моето искуство, честопати го користам театарот како методологија за усно изразување и разбирање за време на моите предавања по странски јазици; се обидувам да им ја пренесам љубовта кон театарската уметност на моите студенти, а во текот на мојот престој и работа на Техничкиот универзитет во Клуж-Напока основав универзитетска франкофонска театарска работилница, со која што студентите имаа можност да се претставатна фестивали пред романска и француска публика.

Преведувањето, пак, е уметност со којашто понекогаш професионално се занимавам и преку којашто непрестајно учам. Преведувачот, пред да пристапи кон преведување на даден текст и за да може истиот да го пренесе од еден јазичен и културолошки код во друг, секогаш треба одлично да го проучи пишаниот стил на авторот, неговиот книжевен опус, но и да ги земе предвид општествените и политичките услови во коишто е напишан изворниот текст.

 

  1. Покрај големото работно искуство вашето име ќе биде запишано на голем број на  итражувања и трудови во областа на францускиот јазик,  на кој труд или истражување сте посебно горд?

Секој напишан труд ми е подеднакво драг, за секое истражување посветувам особено внимание со цел да направам спој помеѓу теоретските принципи и јазичната пракса. Со секој научен труд се обидувам да придонесам за развојот на методологиите на наставата по јазици на локално или на глобално ниво. Често моите истражувања се базирани врз контрастивни анализи на дадени јазични елементи во македонски, француски и романски контекст. Како најзначајни би ги истакнал „Грешките на македонските и романските ученици при писменото изразување на француски јазик на напреднато рамниште“ и „Примена на аудиовизуелни алатки на часовите по странски јазици”, истражувања коишто ги презентирав на универзитетите во Крајова и Клуж-Напока во Романија, Монтреал, Канада и Париз, Франција.

 

  1. Која е вашата формула за успех?

Сметам дека не постои магична формула за успех. За да се постигнат успешни резултати, треба да нѐ исполнува работата и областа во којашто работиме, а притоа да бидеме одговорни за вршењето на секоја работна должност и свесни за придонесот на нашите резултати во општествениот развој. Несомнено, успехот се постигнува со труд, постојано учење, надградување на веќе стекнатите знаења и одговорен пристап кон работните задачи.

 

  1. Како го исполнувате вашето слободно време, што сакате да правите по завршувањето на работниот ден?

 Во текот на работниот ден целосно се посветувам на подготовката на часовите и на пишувањето на мојот докторски труд, а по завршувањето на работниот ден задоволство ми причинува да одам во кино, да изгледам театарска претстава, да читам, да слушнам оперска или филхармониска изведба или пак да посетам изложба во некоја од париските галерии. Честопати знам и да се прошетам по кејот на Сена, но и да уживам во француско мезе и вино со моите пријатели.

 

  1. Што ви недостига од дома?

Јас сум човек што се врзува за луѓе, а не за работи, така што од Македонија ми недостигаат домашната атмосфера со моето семејство, дружењето со моите другари и пријатните кафе-муабети со моите поранешни колеги.

 

  1. Што би им порачале на сите кои го читаа ова интервју?

На читателите би им препорачал секојдневно да учат и да се образуваат, секојдневно да читаат и да ги користат сите можности што им се укажуваат за учење нови вештини и надградба на веќе стекнатите знаења. Би им препорачал да го негуваат мајчиниот јазик и да учат странски јазици затоа што јазикот е најмоќно орудие за меѓусебно разбирање на луѓето. Впрочем се вели „Колку јазици зборуваш, толку луѓе вредиш“. Познавањето странски јазици овозможува подобра комуникација со луѓе од различни социокултурни средини, ги отвора портите на духот и придонесува за само докажување во меѓународните професионални кругови.