Младите во Прага живеат многу динамичен живот и секогаш се во трка со времето. Интервју со Катја Десковска успешен магистeр по маркетинг комуникација, која  работи во Прага, Република Чешка.  

 

  1. Родени и  израснати сте во Скопје, своето основно и средно училиште го завршувате во вашиот роден град,  но своето  високо образование го започнувате  на Факултетот Vysoká škola manažerské informatiky a ekonomiky, Прага , Чешка Република, каде подоцна се стекнувате со титулата  дипломиран економист, а во  2011 година на  Факултетот Vysoká škola finanční a správní, Прага, Чешка Република магистрирате маркетинг комуникација, од каде желбата да студирате во странство, што ве поттикна да ја  изберете Чешката Репубилка  како ваша дестинација во следните неколку години по завршувањето на средното образование во СЕПУГС Васил Антевски Дрен?

Желбата да студирам надвор од земјата  е  уште од моето рано детство. Благодарејќи на моите родители од  12 – 13 години имав можност да патувам сама на разни летни школи , да истражувам и да го запознавам светот. Изборот да студирам во Чешка и не е баш случаен, бидејќи мојата мајка потекнува од  таму.   Ја посетував оваа земја еднаш – два пати годишно особено регионот  Моравиа.  При првата посета на Прага бев воодушевена од нејзините убавини, можности и разновидноста што ја нуди.  Почувствував дека треба  да ја запознаам повеќе  земјата од каде потекнува мојата  мајка, различниот менталитет на чесите а воедно и да се потрудам да го научам нивниот јазик кој е многу тежок во однос на македонскиот. 😉 Тоа беше причината да студирам на чешки јазик иако пред тоа имав основно познавање на јазикот.

 

  1. Како  живеат младите во Прага, колку  Чешката Република е отворена кон сите оние кои се дојдени да студираат и работат таму?

Младите во Прага живеат многу динамичен живот и секогаш се во трка со времето. Овде денот како да нема 24 часа.  Овој град толку многу нуди што човек и да сака не може се да постигне.  Во септември 2015 кога дојдов во Прага да студирам  на  мојот универзитет  беа  сите студенти чеси  со исклучок на 3-4 студенти од Русија.  Чесите во принцип се многу затворени,  помалку комуникативни и резервирани со странците.  Сепак мојот темперамент  беше  интересен за нив , бидејќи никогаш немав срам да пријдам и да се запознаам со некои од колегите  да потоа и се спријателиме.  Денес веќе е поинаку.  Во Прага живеат и работат многу  странци од целиот свет, а  чесите се поотворени.

 

  1. Од што се состои образовниот систем во Прага, дали има клучни разлики од образовниот систем во Скопје?

Имам чувство дека нашиот образовен систем во времето кога јас учев  беше многу поквалитетен . Меѓу моите врсници во Прага секогаш имав многу повеќе информации од нив.  Паметам  на час по географија  моравме се да знаеме до детали , по музичко правевме проекти за познати композитори, се сеќавам, јас правев  за чешкиот композитор Бедржих Сметана.  Додека овде многу од моите колеги на факс едвај знаеја каде е Македонија.  Некој тук таму знаеше да каже дека слушнале за земјотресот во Скопје во 1963 год.

 

  1. Покрај студирањето вие во Прага и работите, успешни сте во промоцијата и маркетинг ангажманот за промоција и продажба на вина, како се организирате, што од вас бара оваа работа и како е да се работи на пазарт во Прага?

Кога одлучив да останам во Прага имав желба да останам на релација Прага – Скопје и имав многу идеи за да почнам некој бизнис  што ќе ме поврзува со Македонија и ќе можам  да го презентирам нашето Made in Macedonia.  Иако сум љубител на добро вино, работата со виното започна многу случајно.   Фамилијарно имаме многу пријатели Чеси кои често не посетуваат нашата земја  и не си одат без некое шише наше вино во куфер. J   Така некако се роди идејата да почнам да увезувам македонско вино  во Чешка каде веќе  година и пол го промовирам.  Покрај сета  огромна конкуренција на чешкиот пазар , пазар пренатрупан со француско, италијанско, шпанско вино , македонското вино се пробива полека, но сигурно.  Овде потрошувачите не знаат дека нашата земја  нуди високо квалитетни вина со многу освоени награди и признанија на светско ниво, а  тоа е всушност мојата работа , да ги натерам потрошувачите да  пробаат  квалитет. Тоа е всушност и најтешкото да ги натерам да пробаат , потоа сум сигурна дека ќе им се допадне и ке купат, а кога ќе се вратат по втор , трет пат веќе знам дека се освоени од квалитетот на вината и постануваат верни потрошувачи. Неинформираноста кај потрошувачите ги води до погрешни информации како на пример дека нашите вина се благи, бидејки често не мешаат со Молдавија. J

 

  1. Како  е да се промовира вино во земја во која  пивото е на пиедестал?

Точно е дека се уште пивото е на прво место , но овде се повеќе и повеќе се консумира  виното.  Учествувам  на многу фестивали и навистина сум пријатно изненадена колку многу љубители на вино има.

 

  1. Што ви недостига од Скопје?

Пред се фамилијата , бидејќи сите се во Скопје, потоа  дружењата со моите пријатели низ скопските локали  и оние седенки во кафана со мезе , вино и добра музика J

 

  1. Како го исполнувате вашето слободно време?

Слободно време многу и немам бидејќи максимално сум посветена на проција на виното,  но кога ќе украдам некој слободен ден сакам многу  да патувам.  Патувам и црпам инспирација.

 

  1. Кои се вашите идни планови?

Имам многу планови но еден од поголемите планови е да работам на промоција на македонското вино да биде што позастапено на чешкиот пазар,  само преку дегустации, учество на разни настани и фестивали би го пробале нашиот квалитет.

 

  1. Што ќе им порачате на сите кои го читаат ова интервју? 

 Им порачувам да веруваат во себе  да ги остваруваат своите планови и цели, и да бидат горди на made in Macedonia производите J