Нејзина пасија е компјутерската  техника. Од доктор на науки по медицинска информатика до поручник и раководител на техничко одделение,  командир на технички вод при АРМ.  Во слободното време во Чикаго  е наставник во „Свети Наум”. Интересната и не така вообичаена животна приказна за комбинацијата на информатиката, медицината, воената академија и едукацијата на најмладата генерација на иселеници во Чикаго, преку интервјуто со Лилјана Алексовска – Стојковска за Агенцијата за иселеништво.

 

  1. Потекнувате од Крива Паланка, средно образование завршувате во училиште „Раде Јовчевски- Корчагин” , во 1989 година се запишувате на Електро-техничкиот факултет во Скопје на насока „Компјутерска техника, информатика и автоматика“ и дипломирате во јуни 1994, непосредно по дипломирањето, започнавте со работа во претпријатието на работно место програмер, каде како член на развојниот тим работевте  на изработка на софтверски апликации,  од каде желбата да  ја изучувате компјутерската техника?

Желбата да се посветам на компјутерската техника се наметна природно, како резултат на мојот афинитет кон математичките и инжињерските науки. Во денешнава дигитална ера, компјутерите се инфилтрирани во секој аспект од животот и можностите за нивна примена се бескрајни. Од друга страна компјутерскиот јазик е глобален и не познава граници. Како таква, оваа професија отвора широки хоризонти и носи многу предизвици и баш заради тоа ја избрав како моја животна определба.

 

  1. Во декември 1997 година, бевте примена на Воената Академија на 8-месечна специјализирана обука, како прва генерација на жени – офицери во АРМ. По завршувањето, во август 1998, се стекнавте со чин поручник, а подоцна бевте  распределена во касарната „Илинден“ на работно место „Раководител на техничко одделение / Командир на технички вод“.Од каде идејата да започнете со обука на Воената Академија, а сте се усовршувавте за комјутерската техника, како ги споивтеовие две работи, што ве поттикна на ова?

Идејата да се обучувам на Воената академија дојде сосема случајно и непланирано. Кога ја слушнав веста за распишување на конкурсот за прием на жени на Воената академија се пријавив најмногу затоа што тоа за мене беше нешто ново, невообичаено и ми претставуваше предизвик, додека самата помисла да работам за АРМ ми беше чест. Замислата беше ние да бидеме логистичка поддршка и не имаше од најразлични профили со цел секој со својата стручност да даде свој придонес. Јас бев единствен информатичар во групата и веројатно доколку останев ќе можев да ја продолжам својата компјутерска професија во рамките на Армијата, но за жал мојата кариера во АРМ брзо заврши заради заминувањето во САД.

 

  1. Од Јануари 2000 година, со своето семејство заминавте на привремена работа во САД, Чикаго, и непосредно по заминувањето започна со работа во компанијата МАК-Систем, за која работите и до ден денеска. МАК-Систем е глобална компанија со дистрибуирани тимови низ повеќе земји и клиенти низ целиот свет, чија главна дејност е изработка на специјализиран медицински софтвер, од каде желбата за работење на медицински софтвер, на што ве научи оваа работа?

Мојот интерес кон медицината не е случаен. Всушност, долги години додека бев во основно училиште пројавував голем интерес кон оваа наука и бев убедена дека ќе студирам медицина. Меѓутоа, како што поминуваше времето, кај мене се повеќе се развиваше љубовта кон математиката, за што голема заслуга има мојот татко, кој што беше наставник по математика и лично ми предаваше по овој предмет. Интересот кон математичките и воопшто кон техничките науки преовлада, заради што го избрав тој правец, меѓутоа интересот кон медицината остана и понатаму. Можноста да ја продолжам кариерата во областа на медицинска информатика беше добредојдена затоа што ми овозможува спој на двете области од мојот интерес. Потенцијалот за примена на компјутерските науки во областа на медицината е огромен и тоа дополнително ме мотивира да одам по тој пат.

 

  1. Покрај големoто работно искуство, вие продолживте да го усовршувате вашето образование, од 2004-2006 година студиравте Софтверско инженерство, специјалност Проектен Менаџмент на DePaul University во Чикаго, стекнувајќи се со  титула „Магистер по Софтверско Инженерство”, а подоцна во Скопје ги завршивте докторските студии, каде се стекнавте  со титулата доктор на  Технички науки, што ве мотивира и инспирира да се занимавате со оваа струка

Во било која професија, за да се биде успешен неопходно е да се надградува образованието и да се следат трендовите и новите откритија. Тоа посебно е нагласено во компјутерската професија. Затоа,се трудам да најдам начини, покрај редовните работни и семејни обврски да работам и на професионално усовршување. Со оглед на тоа што веќе бев инволвирана во софтверското инжинерство, како област од компјутерските науки, некако логично беше да ги продолжам студиите во таа насока. Што се однесува до докторскиот труд, тој беше од областа на медицинска информатика што исто така беше согласно со моите интереси.

 

  1. Во вашата богата и сестрана биографија, ќе забележите и дека сте член на повеќе научни здруженија, вклучувајќи членство во интернационалното здружение за Компјутерски Науки „Upsilon Pi Epsilon” како и  членство во IEEE.Како резултат на научно истражувачката работа имате учествувано на многубројни конференции и имате објавено голем број на трудови, што стекнавте како искуство и знаење преку членувањето во овие научни здруженија и колку истите ви помогнаа во креирањето на научните трудови?

Членувањето во научните здруженија ми овозможува продлабочување на стручните знаења и следење на научните откритија преку литература, настани, како и контактирање и размена на искуство со други колеги од истите области.Сето тоа нормално води кон развивање на нови идеи и влијае мотивирачки врз мојата работа.

 

  1. Покрај професионалната работа, од 2012 година волонтирате во Македонското училиште „Свети Наум” во Чикаго, како наставник и координатор на програматаи се заложувате за одржување и негување на македонскиот јазик, култура и традиција, како се најдовте во оваа улога како наставник и што за вас значи да едуцирате ученици?

Во Македонското училиште „Свети Наум сум присутна уште од неговото основање, во 2012 година. Со голема радост ја примив веста за новоотвореното училиште и веднаш ги запишав моите деца. Уште на самиот почеток бев ангажирана, прво како член на родителскиот одбор, а наскоро се придружив на наставничкиот тим. Иако немам формално образование како наставник, некако таа улога ми дојде природно, можеби ја имам во гените наследено од моите родители. Најголема мотивација ми е желбата да се одржува Македонскиот јазик, култура и традиција, на овие простори, далеку од родната грутка.

 

  1. Како го исполнувате слободното време?

Слободното време, кое за жал го немам многу, најчесто го поминувам со моето семејство и со пријателите. Активностите ги избираме во зависност од временските прилики и расположението. Но често пати знам да се релаксирам и сама со кратки прошетки, читање и слично. Чикаго како една од најголемите метрополи во САД изобилува со бројни настани во секое време, кои што со интерес ги следам и посетувам кога можам. А посебно задоволство ми претставува кога овде гостуваат наши уметници и ѕвезди и обично тие збиднувања не ги пропуштам.

 

  1. Што ви недoстига од дома?

Многу пати сум се запрашувала себе си што е тоа што најмногу ми недостига од Македонија и дали ако тоа нешто го донесам тука ќе се намали носталгијата. И се уште немам одговор на тоа прашање. Мојата љубов и поврзаност е исконска. И после скоро две децении, се уште чувствувам дека Македонија ми е дома и мислам дека така ќе остане засекогаш. Тешко е да се опише тоа чувство на припадност, топлина и душевен спокој што го имам кога сум дома и секогаш се враќам исполнета со некоја силна енергија.

 

  1. Кои се вашите идни планови

Планови, идеи и соништа секогаш постојат, но обично за нив не зборувам многу додека не ги реализирам. Воглавно настојувам да одржувам баланс меѓу професионалните, личните и семејните планови, зашто само така се чувствувам исполнета и среќна. Мое животно мото е: биди тоа што си, верувај во себе и биди упорен во тоа што го сакаш, а резултатите ќе дојдат сами по себе.