Професор,  успешен пијанист  и една од неколкуте македонки кои дипломирале на престижниот  московски конзерваторииум  „Петар Илич Чајковски”,  за своите постдипломски  студии во класата на професорот Борис Романов, како и за нејзината  улога како професор  по пијано во Словенија. Инспиративната приказна на Маја Кастратовиќ ја пренесуваме преку  интервјуто за Агенцијата за иселеништво.

 

  1. Родени во Скопје, вљубеник во уметноста, дипломиран пијанист на престижниот Московски конзерваториум „Петар Илич Чајковски”, a постдипломските студии ги завршивте на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на  професорот Борис Романов, од каде желбата за уметноста и што таа за вас значи?

Уметноста за мене е неопходна како воздухот што го дишам.Да, истражувам, креирам, интерпретирам односно да  го споделувам  тоа со публиката. Размената на таа  енергија  за мене е од непроценливо искуство.

  1. На што ве научи  професорот Романов додека студиравте?

Јас ја  имав таа можност да бидам  во неговата класа  на постдипломски студии. Исклучително драгоцен професор, охрабрувајќи ме да концертирам  и покрај  тоа што голем  дел од времето  го посветував  на голем број  мои ученици.  Јас мислам  дека сите  во неговата класа  се чувствувавме  како дел од големо среќно семејство. Ја имаше таа топлина и разбирање  која е многу важна  во нашето креирање и секогаш  несебично  го делеше  своето знаење. Тогаш толку  многу  потребна та сигурност  на сцената ја осетив  работејќи со него. Благодарна до небо и ден денес.

 

  1. Како е да се студира дома и во странство, постои ли разлика, со што се соочивте  додека студиравте во Русија?

Мојата професорка Слаѓана  Јовановиќ од МБУЦ  ми даде голема поддршка   да го продолжам  своето школување  во Москва. Тоа многу ми значеше  и пресудно влијаеше  да се определам  за професијата  со која денес се занимавам.  Секако дека  е дома   многу поудобно, но  Москва за мене  претставуваше  голем предизвик. Се најдов меѓу мнозина млади талентирани  пијанисти  од цела Русија и токму тоа додатно  ме поттикна да се борам и да дадам секогаш повеќе од  себе. Не ми беше лесно,  сепак да треба повторно, би го избрала тој пат.

  1. Што од вас бара работата како пијанист, кои се предности и слабости со кои се соочивте на вашите почетоци?

Тоа  бара  постојана посветеност  како на инструментот  така и на музиката воопшто. Во тоа гледам голема предност бидејќи постојано сум во креативен процес. Таа енергија ме прави  среќна.  Да бидам на сцената и да имам можност да го споделам  својот свет со  публиката  е голема привилегија . Таа синергија што се  создава помеѓу  интерпретацијата и слушателите  е за мене големо богатство.

 

  1. Од 2001 година  живеете и работите како корепетитор и професор по пијано во Словенија, зошто решивте да заминете од тука?

Поканата да работам во Словенија дојде сосема случајно, но ја прифатив,  затоа што бев  повторно подготвена  за нови предизвици, но Македонија за мене  остана мојата земја  која што  ја посетувам  секогаш кога ќе ми се укаже можност, а тоа е често,  еве деновиве  добив покана за жири на натпревар  по пијано.

  1. Како професор и педагог на што ги учите вашите  ученици и воедно што барате  од нив?

Пред се сакам да се чувствуваат  убаво, вредно… Сакам да ги внесам  во  извонредно  волшебниот свет  на музиката. Да се обидеме  заедно да го откриеме  твој свет. При тоа, дисциплината  е многу важна. Исто така и упорноста  да се истрае и покрај некои неуспешни настапи  од кои најповеќе се учи.  Ги учам колку е важна комуникацијата со другите музичари  и други уметници, активно да ги следат  и другите уметности. Да посетуваат  концерти  од кои што  ќе добијат додатна инспирација. Многу сакам  концертните сали  да бидат полни со млади,  на кои што светот останува.

  1. Постојано сте активна  имате голем број на солистички концерти низ светот како и настапи  со камерни ансамбли и оркестри, постојано сте дел од музичките фестивали во Шпанија, Италија, Белгија, Албанија, но и во други европски земји.  Како се подготвувате  за овие настапи имате ли некој посебен начин на подготовка? Ве посетуваат ли вашите ученици на вашите концерти?

Одвојувам  повеќе време  и вложувам  повеќе напор  за подготовки. Тогаш концертот  ми е приоритет, што не значи  дека ги  запоставувам своите ученици.

Да,  на моја среќа многу  често моите концерти ги посетуваат ги посетуваат моите ученици .  Исто така ме радува  кога ме посетуваат поранешни  ученици во училиштето и оние  што продолжиле  да се занимаваат со музика,  како и оние  што не  одбрале музиката за своја професија.

  1. Од каде ја црпите вашата енергија, што ве води напред во реализацијата на вашите активности?

Од длабоката потреба  да сум  дел од тој бесконечен свет  на ритамот, звуци, бои..Неодамна ја напишав  својата прва  композиции. Можеби ќе продолжам да се изразувам на тој начин.

  1. И за време на реализацијата на ова интервју, вие бевте во постојано движење и договаравте идни активности. Ќе и откриете ли на јавноста кои се вашите идни планови?

Ме очекува  настап  со соло пејачка  во месец ноември во Словенија. Проект  по повод  годишнината на раѓањето на  композиторот  Хуго Фолф, како и снимање на  неколку  негови  композиции на клавир. Натпревари  со учениците и учество  во жири. Размислувам  да покренам иницијатива за мал фестивал на камерна музика.

  1. Што ќе им порачате на сите кои го читаат ова интервју?

Би сакала, да одвојат од своето секојдневие  малку повеќе време за класичната музика, бидејќи е израз на попродлабочена духовност.