Неговото поле на интерес е  информациските технологии, во моментов е  ангажиран како истражувач во истражувачкиот центар  на Универзитетот „Стенфорд” во Калифорнија, поранешен демостратор и човек кој несебично го пренесува своето знаење на помладата генерација на ученици. Во своето итражување и работење во САД, акцент става на изучување на методите  на вештачката интелегенција  кои можат да се користат за анализа  на податоци поврзани со храната и нутриционизмот. Томе Ефтимов, еден од најуспешните македонски научници што работат на полето на информациските технологии, со свое интервју за Агенцијата за иселеништво.

 

  1. Средното образование го завршивте во вашиот роден крај Струмица, по тоа своето образование го продолживте на Факултетот за електротехника и информациски технологии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј во Скопје, насока Информатика и компјутерско инженерство, од каде желбата да се запишете токму на овој факултет, што ве поттикна за да направите ваков избор? 

Да бидам искрен, оние кои најдобро ме познаваат мислеа дека моето образование ќе го продолжам определувајќи се за математика или физика, следејќи ги стапките на мојата мајка, која е професор по физика. Меѓутоа знаејќи дека во нашата држава со такви професии единствените позиции е да се биде професор во училиште, што не е пример низ светот, се определив за Факултетот за електротехника и информациски технологии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”  во Скопје, насока Информатика и компјутерско инженерство, бидејќи станува збор за применета математика и применета физика.

 

  1. По дипломирањето  на истиот факултет се вработивте  како демостратор  на повеќе предмети од  областа на вашето интересирање, но тука не застанавте со вашето образование, паралелно студиравте и магистриравте  на  Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, како е да се пренесува знаењето на помладите генерации, на што ги учевте  младите генерации во делот на неформалното образование?

Со задоволство можам да кажам дека уживав во работата со помладите генерации, кои тогаш и не беа многу помлади од мене, една или три години J И самиот се уште бев студент па веројатно ми беше лесно да го пронајдам заедничкиот јазик со нив. Повеќето предмети за кои бев задолжен беа оние кои се сметаат како едни од најтешките, па затоа се трудев да им го пренесам знаењето и да им покажам дека ништо од тоа не е недостижно. Покрај тоа, дополнително ми беше важно да им ја пренесам и желбата/пасијата за учење, позитивната енергија и љубовта што ја носам за својата професија.

 

Секогаш се трудев да им дадам насоки за решавање на проблемот, укажувајќи нас личен проблем со цел тие самите да дојдат до решението. Од лично искуство знам дека работите/проблемите што ќе ги откриеш/решиш сам најлесно и најмногу ти остануваат во меморија.

(Благодарност до Р.Н. за тоа како сум бил доживеан од другата страна во просторијата)

 

  1. По завршувањето на магистерските студии, го продолживте своето високо образование на докторските студии  на Меѓународното  постдипломско школо „ Јожеф Стефан, каде што добивте и докторска стипендија, на што ве научи студирањето во странство, која е разликата  од студирањето дома?

 Студирањето во странство, мислам дека е најдоброто нешто што може да му помогне на еден истражувач да расте во својата кариера. Можноста да запознаете луѓе од различни култури, кои зборуваат на јазик различен од вашиот, но сепак ист науката, да дискутирате со нив, и да се научите да го почитувате размислувањето на секого е клучен фактор во вашето растење низ процесот наречен наука. Според мене, студирање во странство не постои, бидејќи сметам дека науката не познава за граници.

 

  1. До сега имате голем број на предавања, поврзано со вашите истражувања, кои нешта сакате први да ги пренесете пред публиката која ве слуша, поврзано со вашата професија, на што ве научија вашите истражувања, со кои предности и  слабости се соочувате?

 Секоја работа, секој научен труд кој е сработен, е продукт на огромен труд и љубов, па секогаш со задоволство сакам да ги споделам резултатите од нив до публиката, со цел да истакнам кои се предностите од истите и кој е можниот импакт ако истите би се користеле во сценарија од реалниот живот.  Моите истражувања ме научија дека секогаш кога би вложиле труд и љубов во работата, успехот е неизбежен.

 

Најголемите предности занимавајќи се со истражување е слободата која ви е дозволена и на тој начин може да ја изразите целата своја интелектуална способност. Исто така со одењето на различни конференции постои можност за запознавање на нови луѓе, поврзувања со останати истражувачи (некои од нив ви стануваат пријатели), како и запознавањето на различни култури.

 

Слабости, искрено не знам дали постојат, може ситуациите кога за некои работи постои рок до кога треба да бидат завршени, а знаете дека не зависи само од вас, туку од целиот тим.

 

  1. Од каде ја црпите мотивацијата за да творите и создавате?

 Тешко прашање J,мислам дека тоа едноставно живее во вас. До ден денес се радувам на секој мој научен труд како да е прв во мојата кариера. Ќе испадне дека не сум скромен, но секогаш сметам дека може да се направи повеќе од она што е сработено и можно е тоа да биде причината која ме мотивира како што рековте Вие да творам и создавам.

 

  1. Која беше главната причина за да одлучите да се посветите на науката?

Никогаш не помислувам дека ќе се занимавам со наука. Кога се запишав на факултет единствена желба беше да го поминам секој испит без разлика на оценката што ќе ја добијам. Меѓутоа испадна спротивно, и едноставно беше јасно дека тоа е она во што јас уживам, и да бидам искрен тоа е она што го правам со задоволство без да се чувствувам дека одам на работа.

 

  1. Прекрасна и импресивна биографија имате, а сепак сте млад, на што сте посебно горди во вашата биографија?

Горд сум на се она што сум сработил во моето научно истражувачко поле, на секоја презентација и покането предавање кои сум ги одржал, на големиот број добиени признанија, и чувството кога луѓето од областа во која работите го препознаваат вашето име.

 

Но она што ме прави посебен горд од мојата биографија се луѓето кои беа со мене од мои најмали нозе и најголемата безусловна поддршка во животот (Л.Е., Р.Е. Д.Е, Љ.Ј., М.Ј., Б.Ј., Д.Ј.), на пријателите кои во почетокот на моето образование веруваа во мене (Г.Ѓ., Т.И., В.В.), и на пријателите кои ги чувствувам како своја втора фамилија (И.К., Х.Ѓ, М.Ѓ., Е.С.,Е.П., В.Г., М.С., М.Љ., Г.И., А.К., Ѓ.П.) кои беа со мене кога дел од моите соништа станаа реалност.

 

  1. Како го исполнувате вашето слободно време, кога не се занимавате со истражувањето и науката?

Обожавам да гледам ракомет и наоѓам време да го следам секој можен натпревар, без разлика дали станува збор за Лига на шампиони, или Европско или Светско првенство.

 

Со задоволство го поминувам слободното време со пријателите, бидејќи на тој начин сметам дека остануваат оние вистинските спомени во животот, бидејќи животот е во малите нешта кои не прават среќни.

 

Следам карневали, дека и самиот од мои 5 години сум дел од Струмичкиот карневал. Мојата фамилија има карневалска група која брои околу 30 луѓе и секоја година активно учествува на Струмичкиот карневал, како и надвор во странство. Ова година беше прва година после 24 години како не можев да учествувам, но традицијата продолжи. Се надевам следната година ќе бидам повторно дел од таа традиција. J

 

За крај она што сметам дека исто така е доста важно, е тоа да се биде физички активен. Настојувам четири пати неделно да одам на фитнес, секојдневно возам точак, и два пати неделно пливам. Во 2016 и 2017 година истрчав полумаратон (21km), 2018 поради обврски немав време да се спремам, но се надевам 2019 ќе истрчам уште еден.

 

  1. Што можеме да очекуваме од вас во иднина, на кои идни проекти работите?

Моментално работам на проекти поврзани со развој на методологии кои би се користеле за статистичка обработка на податоци и машинска интелигенција и учење. Фокусот или апликативната област се податоци поврзани со здравје, храна, и нутриционизам, каде главната цел е да се проучат релациите меѓу истите, а со тоа да се наиде на нови сознанија кои може да го подобрат jaвното здравство и да се направи импакт корисен за општеството.

 

  1. Постои ли формула за успешност, која вие ја применувате?

Како што веќе споменав, можеби формулата лежи во желбата, пасијата и љубовта кон она што го работите. И уште нешто, секогаш е добро да се смени работна средина тогаш кога ќе се почувствувате дека се наоѓате во вашата удобна зона. Предизвикувајќи се самите себеси,  сите височини се достижни.

 

  1. Каде се гледате себе си после дваесет години?

Ова е секогаш најтешкото прашање кое треба да се одговори. Најважно од се е здравје, па се останато ќе биде како што треба да биде. За пет години се надевам дека ќе имам своја лабораторија со студенти (пријатели), постои уште една желба која се надевам ќе биде реалност, но нека биде тајна J За дваесет години нека покаже времето …

 

  1. Што би им порачале на сите кои го читаат  ова интервју, посебно на младите?

Она што сакам да го потенцирам е дека никогаш не размислував дека еден ден ќе се запишам на докторски студии и дека ќе бидам дел од Стенфорд, но еве и тоа се случи.

 

Она што сакам да го порачам е сонувајте, но кога сонувате ве молам тоа да бидат “големи” соништа. Еден ден тие соништа ќе бидат ваша реалност и дел од животот кој го живеете.