Љубов кон уметноста втемелена од најраното детство. Уметник, музички педагог, универзитетски професор на Универзитетот Рузвелт во Чикаго, разговор со Јана Павловска Молтз.

Треба да бидете толку подготвени за вашата аудиција, што ќе нема простор за ништо помалку од вашето најдобро.

1. Родена сте во Скопје, по завршувањето на вашето образование во земјата, се запишувате на мастер клас за пијано на Univerzitetot Ruzvelt во Chicago, во САД. Од каде желбата за изучување на музичката уметност и зошто САД беше вашиот избор за изградба на вашето високо образование?

Љубовта кон музиката и уметноста се втемелија во мене многу природно – потекнувајќи од уметничко семејство неминовно имаше удел во мојата животна определба – музиката. Од моите најрани почетоци бев постојано во допир со културата: концерти, изложби, театри. Мојот татко е академски ликовен уметник, моите две сестри – доктори по науки по уметност и мојата мајка, која и ако е економист е голем љубител на уметноста. Дружењето со пијаното од најмали нозе на еден многу природен, спонтан и ненаметлив начин прерасна во моја пасија и професија. За мене уметноста не е професија, туку единствениот начин на кој би можела да битисувам. Тоа е еден искрен опис на моја поврзаност со музиката и уметноста во целина.
САД се случи толку ненадејно што понекогаш кога размислувам и се навраќам и по толку години се уште ми е чудно за тој потег и мојата преселба. Во 2008 година имав можност да го посетам Чикаго, но како турист. Од моментот кога стапнав во градот ме обзема една чудесна енергија и убавините на градот длабоко ме воодушеви. Културата која зрачи од градот „ме покани” да се заљубам во него. Се сеќавам го посетив универзитетот Рузвелт и неговата архитектура длабоко ме пленеше. Чикашката филхармонија (еден од најдобрите оркестри во светот) е на толку блиска далечина до него, а воедно е дом на најголемите имиња во музичкиот свет и денеска. Едноставно, сите тие импресии предизвикуваат силна возбуда во мене, така што почнав силно да размислувам за продолжување на моите студии таму.

2. Во моментов работите на Универзитетот Рузвелт во Чикаго како музички педагог, како човек кој го пренесува своето знаење на помладата генерација, на кои професионални вештини и знаења ги учите вашите слушатели?

Педагогијата ми претставува огромна љубов и големо задоволство. Голема чест ми преставува да можам да го пренесам своето знаење на истиот факултет како што јас самата бев студент. Преку часовите со моите студенти, јас исто така можам многу да научам и се надоградувам како педагог, а тоа е една взаемна размена. Секој професионален растеж кај нив ме прави среќна и длабоко исполнета.
За мене како педагог многу е важно да умеам да го пренесам најдоброто од моите учители. Дисциплината во работата, естетиката во музиката, препознавањето на значењето на секоја нота напишана од композиторот во делото, затоа што ништо не е случајно таму. Јас имав можност да учам од фантастични педагози за време на моето образование, а верувајте тоа е голема среќа во оваа професија која е втемелена врз индивидуална настава. Највеќе од се се трудам, не да им покажам на моите студенти како да музицираат, туку да успеат да го пронајдат својот сопствен музички глас и професионален правец на развивање.

 

3. Продолжувате со докторски студии по уметност на Универзитетот во Илиноис, под раководство на професорот Вилијам Хејлс, со кои предизвици се соочивте во вашето образование?

Токму така, во моментов сум докторски кандидат на Универзитетот Илиноис (University of Illinois), како што велите, јас сум пресреќна да работам проф. д-р Heiles, после работата со моите незаменливи предходни професори проф д-р Choi и проф др. Lazar. Ми претставува чест и задоволство што учам на овој универзитет, кој е еден од десетте универзитети кои тука се познати под името „големите десет”. Колку што има убавина во музиката и во оваа професија, верувајте има и толку предизвици. Нивото на артизам и перформанс на музичките академии во САД е толку високо, што неминовно бара да го вложите најдоброто од себе. Се помалку од тоа е едноставно неприфатливо. На докторските студии на пример ќе примат можеби околу 3 студенти од приближно или повеќе од 100 апликанти. Треба да бидете толку подготвени за вашата аудиција, што ќе нема простор за ништо помалку од вашето најдобро. Од друга страна пак, се натпреварувате со студенти пијанисти од сите страни на светот, каде што професионалноста е на високо ниво, па така предизвикот е голем, за да се изразите целосно на сцената, за време на вашите аудиции.

 

4. Имате голем број на успешни настапи на национално ниво, така и на меѓународно ниво во Бугарија, Италија, Франција, Велика Британија, САД, Германија, претстави во седиштето на Чикаго, вклучувајќи ја и салата во Ganc, салата на Чикашката Филхармонија, Театарот Шопен, што е потребно за да се биде успешен пијанист?

Многу ви благодарам за убавите зборови! Си мислам, јас за себе така не размислувам (се смее). Ми се чини дека најважно од се е што не тежнееам кон успехот како таков, едноставно пристапот со толку љубов и посветеност кон музиката, кон она што го правам, е она што ме води по мојот пат и ми ги отвора вратите кон концертната сцена. Неминовно е, да бидам јасна, професионалната пожртвуваност и посветеност, а и голема дисциплина во работата, неуморно вежбање и преслушување на секој тон, часови и часови по ред. Но ми се чини, нема поголема награда од своја изведба за која си задоволен и истата ве исполнува, физичката исцрпеност после часови вежбање ве наградува со исполнет дух и сатисфакција од изработеното.

 

5. Се сеќавате ли на вашите први учители по пијано, кои беа нивните совети и насоки за постигнување на успех?

Ах секако! Во оваа професија индивидуалната настава е од најголемо значење и се поврзувате силно со вашиот професор. Јас своето средно образование го започнав во музичкото училиште „Илија Николовски Луј”, каде што изучував нижо образование под раководство на професор Рита Трпчева – Поповиќ и средно образование во класата на професор Катерина Кетковиќ – Фидановска. Дипломски и постдипломски студии студирав на Музичката академија под раководство на професор Тодор Светиев. Моите професори имаат големо значење во мојот животен пат, без нив, сметам дека немаше да успеам да постигнам. Засекогаш ќе бидам благодарна за се што ме научиле на макотрпна работа, дисциплина, неуморност, љубов кон работата и часови неуморна работа со мене. Благодарна сум им што ми ја дале основата, врз која можам да се надградувам тука во САД.

 

6. Што за вас значи музиката и уметноста?

Уметноста и музиката се длабоко втемелени во мене, тие се дел од моето битие, дел од моето ДНК. Пред некој ден наидов на мислата од Ф.Ниче која велеше: „Уметноста постои за да не излудиме од суровата реалност”. Ме натера долго да размислувам, колку оваа мисла е моќна. Во уметноста има многу мечтаења и идеализам, но исто така, има и многу реалност, работа, па дури тогаш инспирацијата „долетува“, да ги „додлетува”, деталите и финесите. Или мотивирачка мисла изречена од П.Пикасо, која често си ја повторувам која вели: „Кога инспирацијата ќе ми дојде, ќе треба да ме најде како работам”.

 

7. Во вашата биографија ќе забележите голем број на награди за пијано изведба, победник на CCPA Piano Showcase tour and a Gilmore Festival 2011, Rudolph Ganz Award, се само дел од наградите, што за вас значат наградите?

Наградите се добредојдени, тие се една убава и мотивирачка сила, а и сатисфакција за сработеното и оствареното. Уште повеќе, тие се мотивација за вложување на уште поголема енергија и работа кон постигнување на идни понатамошни цели. Тие се многу инспиративни, а најмногу кога не се очекува, еден доказ дека постои некој кој го вреднува она што го правите. Да бидам јасна, во оваа професија, никогаш нема да бидете свои и препознатливи доколку во својата работа и концертирањето се трудите да бидете допадливи некому (на публиката), но кога наградата е врачена кон препознавањето на личниот израз, тогаш е вистински двигателна сила.

 

8. Покрај секојдневните напорни тренинзи и професионалниот ангажман, како го исполнувате вашето слободно време?

За да бидете успешен изведувач, неминовно е да сте „будни” на многу нивоа: добра книга, театарска претстава или концерт, постојано навраќање кон историјата на уметноста, но и секојдневието на животот, прошетки во природата, вечера во семејството, средба со пријателите или излез во клуб. Се што ме опкружува има мал удел кон целината на сопствената инспирација. Уживам во природата. Ми се чини во Чикаго се заљубив во огромната водена површина која целосно ја заобиколува источната страна на градот. Секој пат кога времето ми дозволува ќе прошетам покрај езерото, инспирирана од пространоста, големината и чистината која ја нуди.

 

9. Што ве прави среќна? Од каде ја црпите вашата позитивна енергија?

Можеби звучи и како клише, но навистина се трудам да пронајдам среќа во малите работи. Позитивниот став кон нештата и оптимистичкиот дух ми се водечки двигател во животот. Многу е лесно тие да се урнат или изгубат со урнебесно – брзо темпо на нашата денешница, кое го живееме, но се трудам да ги темелам сопствените вредности врз нив. Многу ме усреќува добрината и љубезноста и кога е восприемена и кога е упатена. Ме прави среќна семејството и семејните вредности, како и мајчинството кое е носител на најсилната позитивна енергија која го исполнува секој молекул на моето битие.

 

10. Која порака ќе ја испратите до сите читатели на ова интервју?

Голем поздрав до сите ваши читатели! Следете ги вашите идеи и многу вредно работете кон остварување на саканите цели. Се е возможно кога искрено ќе се посака. По зборовите на големиот П. Куељо: „Кога нешто силно ќе посакате целиот универзум ќе се отвори за да ви помогне да го остварите”. А на вам ви благодарам за убавиот разговор и честа да бидам ваш гостин.