Не постои поголема среќа и чувство на исполнетост од чувството кога некому ќе му помогнеш, а со тоа ќе ги направиш среќни него и неговото семејство. Интервју со доктор  Емилија Костадинивиќ Антанасијевиќ, специјалист по интерна медицина и основач на Поликлиника Антамедика  во Република Србија.

  1. Родени сте во Скопје, завршувате  во ХУЦ „Марија Кири Склодовска”, а подоцна го завршувате Медицинскиот факултет во Скопје, од каде желбата да ја изучувате медицината?

Љубовта кон медицината постои од детството. Прво се роди љубовта кон биологијата и останатите природни науки, а кон крајот на основното училиште прерасна во љубов кон медицината. Во текот на овој период често посетував лекари и неколку пати бев на болничко лекување, поради проблеми со рбетот предизвикани од брзиот раст во пубертетот. Голем впечаток на мене остави професионализмот и посветеноста на медицинскиот персонал, а особено на лекарите кои ме лекуваа. Посакав и јас да можам да им помагам на луѓето кога ќе пораснам и да бидам лекар. Особено ме мотивираше желбата да им помагам на луѓето, така што на време ќе поставам дијагноза и ќе ги научам како и самите на време да препознаат кога нивното здравје е нарушено.

  1. Специјалист сте по интерна медицина, зошто беше ваш избор оваа област  од медицината?

Интерната медицина е моја љубов од моментот кога првпат се сретнав со неа на факултет, веројатно поради тоа што е медицинска гранка која на лекарот му овозможува доволна ширина и знаење да постави дијагноза и одбере најдобра терапија за пациентот, но и да работи на превенцијата и раното откривање на хроничните и малигните болести. Интерната медицина ми овозможува да бидам лекар каков сонував како дете да станам.

  1. Што за вас претставува медицината и помошта на луѓето?

Секој човек сака да е среќен и исполнет. Не постои поголема среќа и чувство на исполнетост од чувството кога некому ќе му помогнеш и со тоа ќе го усреќиш и него и неговото семејство. Медицината ми го овозможува ова чувство секојдневно и искуството е непроценливо.

  1. Во моментов работите и живеете во Белград, Република Србија,  со кои предизвици се соочивте при  заминувањето во Белград и отпочнувањето на вашето работење надвор од татковината?

Љубовта е таа која ме доведе во друга земја. Сопругот е од Србија. Животот во друга земја, далеку од родителите, роднините, пријателите, а особено од сестра ми со која сме многу блиски,беше преполн со предизвици кога имав неполни 26 години, со тукушто формирано семејство и на почетокот на кариерата. Најголем предизвик беше тоа што никого не познавав овде, ниту јас ниту сопругот, бидејќи и тој не е од Белград. И овој пат, ненадеен здравствен проблем ме доведе до колешка со која односот прерасна во пријателство, а подоцна и соработка. Преку неа запознав колеги и кога одлучив да отворам поликлиника и градам кариера во приватната пракса, овие контакти ми беа драгоцени. Поддршката и помошта од страна на сопругот и родителите, во овој тежок период на приспособување се непроценливи.

  1. Доколку не бевте доктор, која друга професија ќе ја работевте?

Во времето кога полагав приемен испит за факултет, во еден миг мајка ми ме праша, што ќе правам доколку не успеам да се запишам, a одговорот беше дека ќе се обидам повторно.

  1. Покрај професионалниот ангажман, како го исполнувате вашето слободно време?

Слободното време го поминувам со сопругот, ќерките, родителите и пријателите. Моја втора љубов се патувањата, па секој слободен миг го користам да патувам, а особено сум среќна кога патувам со семејството и пријателите. Сликањето и читањето ме опуштаат и навистина сум среќна кога ќе пронајдам време и за овие активности.

  1. Кои се вашите идни планови?

Имам многу нереализирани идеи и планови, како на приватен така и на професионален план, а на сите им е заедничко тоа што треба да овозможат напредок и благосостојба како за мене и моето семејство, така за моите пациенти и за колегите.

  1. Што ќе им порачате на сите кои го читаат ова интервју?

Сонувајте големи работи и не плашете се да превземете се што е потребно за да ви се остварат соништата. Секој направен чекор и најмалиот, ви овозможува да видите нова прилика и можност која не можете да ја видите, ако не соберете храброст да зачекорите кон целта. Можноста да сонуваме и да ги остваруваме нашите соништа ја имаме било каде и во секое време, само треба да се осмелиме да го направиме првиот чекор и секоја земја ќе биде вистинската.