Пештерни цркви

ДУХОВНО БОГАТСТВО ЗАТСКРИЕНО ВО КАРПА

Секогаш кога се зборува за духот, за божественото, посакуваме да ја доживееме манастирската тишина и спокојство. Одрекувајќи се од секакво земско уживање за да се стане ’’Богоугоден’’, христијаните се засолонувале во Божји храмови. Пештерните цркви, како дел од неисцрпното културно наследство  на Македонија, сведочат за вековната потреба на македонскиот народ за одржување на духот на христијанството и православието пред сè. Тие претставуваат духовни светилишта кадешто  се допира длабочината на душата и доживува загадочната убавина на духот.

Како прв човек кој се повлекол и почнал да ги поминува деновите во самотија, пост и молитва се смета Павле Тивејски, роден 230 година во Тиви – Мисир. Уште како петнаесетгодишно момче сè продал, отишол да живее во пустина, преживеал 113 години и умрел во пустина.

Зачетоците на пустиножителството на овие простори датира од деветтиот век, период кога јужните Словени воспоставуваат тесни врски со Византија. Според сочуваните ракописи, како зачетници на монашкиот живот, се сметаат Климент и Наум.  Со изградбата на манастирот посветен на Свети Пантелејмон на Плаошник, јужно од Самуиловата тврдина, свети Климент го отпочнува организираниот монашки живот. Неговите истомисленици и следбеници се повлекувале во езерските пештери  каде,  во исконска тишина и со молитви и пост животот му го посветувале на Бога. Тие ќелии подоцна ќе прераснат во пештерни цркви и монашки ќелии. Поголемиот број на овие цркви се изградени во 13 и 14 век, а се евидентирани на охридското и преспанското крајбрежје како и  во околината на манастирите Трескавец и Зрзе и по текот на реките Бабуна, Црна и Треска. Заедничка карактеристика на овие минијатурни ремек –  дела на културното наследство на Македонија е што во нивното создавање е искористена природнaта средина, пештерата и карпата како подлога, за фрескоживописни  ликовни вредности. Во затскриените длабнатини на чии камења се прелева синилото на Охридското и Преспанското Езеро, зографите на 13 и 14 век ги насликале Тајната вечера, Раѓањето Христово, Страдањето на Исус, Успение на Св. Богородица, Благовестите, како и Свети Климент Охридски, Св.Наум, Св. Архангел, Св. Петка, Св. Димитрија и Св. Ѓорѓија. Но, тука се откриени и ликови на цареви и војници.

Со оглед на местоположбата на овие цркви и нивно постојано изложување на атмосферската  влага од езерската вода, ликовните записи на старите зографи се релативно добро сочувани, со исклучок на мал број фрески на кои се забележуваат значајни оштетувања. Недостигот на пишувани извори ја отежнува истражувачката работа врз објектите, особено утврдување на авторите на фрескоживописите. Напорите на досегашните истражувања  сепак вродиле со плод  така што се откриени неколку потписи на познати зографи или ликовни творци кои се среќаваат само на односниот објект. Но, на повеќето ликовни творби авторите не го ставиле својот потпис, што, секако ја усложнува работата, па за да се дојде до авторството, нивното дело, според ликовниот запис се споредува со одредени сликарски школи што во тој период постоеле или таквата техника се срекава во други духовни храмови во Македонија.

Пештерните цркви со својата убавина, карактеристична местоположба и улога во ширењето на писменоста, претставуваат сведоштво за вековната борба на македонскиот народ за сочувување и негување на христијанската вера и дух.

Преку богатството на колоритот и тематскиот избор на сцени, овие бисери на културното наследство завземаат значајно место во трезорот културни споменици на Балканскиот полуостров.

 

Виолета Шиндил

локација на цркватаСв.Никола,с.Драднја
локација на цркватаСв.Никола,с.Драднја
западна фасада на црквата Св. Никола 14 век
западна фасада на црквата Св. Никола 14 век
Св. Никола во патронска ниса на западната фасада на истоимената црква
фриз од медалјони со торза на маценици, во црквата Св. Лазар,14 в. ,јузен зид
локација на црквата Св. Лазар,14 в.
Раганје Христово(лево),Сретение(десно),јузен зид црква Св. Лазар